Поезијата на Раде Силјан се чествуваше во Загреб

„Го читаме Силјан и се прашуваме од каде тој медитеранизам кај омеѓениот со планини демирхисарец?“


Универзитетски професори, академици, хрватски македонисти, писатели, дипломати, уметници, новинари, студенти, ученици и членови на македонската заедница, во Загреб, заеднички, на највисоко ниво го чествуваа делото на македонскиот поет Раде Силјан. Салата на централната загрепска библиотека „Богдан Огризовиќ“, вчера, на денот кога пред 86 години е објавена Рациновата „Бели мугри“, имаше љубопитна публика за одбележување два значајни јубилеја за Силјан и за македонската книжевност и култура, но и за македонската држава – 75 години од неговото раѓање и 50 години од објавувањето на неговата прва поетска книга „Третиот лик на времето“. Настанот се одржа под покровителство на хрватското Министерство за наука, образование и млади, а во организација на МКД „Охридски бисер“ во соработка со градските библиотеки и читалници од Загреб, како централно чествување во рамките на манифестација „Македонскиот јазик е нашиот идентитет“.   

За поезијата на Раде Силјан говореа Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а модераторка на настанот беше професорката Ивана Брезовец, којашто е и координаторка на манифестацијата.

 – Го читаме Силјан и се прашуваме од каде тој медитеранизам кај омеѓениот со планини демирхисарец? Дали можеби и кај кај него, тој е производ на она силно пекање по морето кое историски и географски сме го изгубиле, а на што укажаа и Блаже Конески, но и Предраг Матвеевиќ во својата книга „Медитерански бревијар“? Дали тој е и производ на пекањето по сонцето кое навестува трагедии, по црното сонце и црвено-црниот вез што ги читаме и кај Конески, Шопов, Андреевски? Во неговата поезија се чита и едно современо и севремено тажење/тагување и тихување над сите болки, над сите болести и сите таги и сите премрежја на својот, но и заради својот народ, јазик, семејство, роден крај и ова негово современо тажење се надоврзува на сите тажачки што ги испеа Петре М. Андреевски. На ова Силјаново пеење-тажење се надоврзува и неговата песна за и на последниот македонски гуслар. Од секогаш ме мачела мислата зошто Раде Силјан со таков пиетет го зема гусларот за свое поетово “јас”?, истакна меѓу другото универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска.

Надоврзувајќи се, Иван Антоновски одделно се осврна на доминантите во поезијата на Силјан, читајќи ја и како поетска историја на неговата и нашата некогашна и актуелна сегашност – историја на македонствувањето.

 – Меѓу македонските поети родени околу 1950 година коишто супериорно го претставуваат македонскиот поетски модернизам, но и воопшто меѓу промислувачите на смислата на постоењето преку стих коишто зачекорија во македонскиот културен простор од седумдесеттите години на минатиот век наваму, Раде Силјан се издвојува како единствен што остана дотолку доследен на определбата секоја негова песна да е промислување на суштината на времето што го живее, чувствува и мисли. Во исто време, мисловно-филозофски задуман за своето и нашето постоење и опстојување, заради што во неговата поетика, неслучајно критиката препозна и посебен вид македонска песна. Современ поет на македонската темпоралност, кој повеќе од половина век пее за времето сегашно, ама и за односот кон времето минато и времето идно. Канонски автор, стожерник на македонската книжевна стварност во последните неколку децении – еден од оние што имаат остварено најголем влог во вредносната вертикала на македонската поезија воопшто, издвои меѓу другото Антоновски.

По повод 75 години од раѓањето и половина век од објавувањето на првата поетска книга на Раде Силјан, претходно издавачот „Дијалог“ објави избор од неговата поезија „Лажно време“ и книга со избор од критиките за неговото поетско творештво. Јубилеите на Силјан се чествуваа и во Србија, со објавување избор од неговата поезија во препев на српски јазик остварен од академик Ристо Василевски, во издание на издавачката куќа „Арка“. 

Раде Силјан е автор е на 23 стихозбирки. Добитник е на највисоките признанија за поезија во Македонија: наградите „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија. Носител е на Државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на уметноста. Беше претседател на Друштвото на писателите на Македонија во два мандати. Основач е на првата издавачка куќа формирана во самостојна Македонија, „Матица македонска“.