Поетите на СВП создаваа стихови со вината на Тиквеш
„Од древноста до денес...“ на Димитар Христов ја доби наградата „In vino veritas“ за најдобра песна посветена на виното

Струшките вечери на поезијата ја продолжија неколку децениската соработка со винарската визба Тиквеш. Поетите за време на фестивалот, од 21 до 25 август, уживаа во одбраните македонски вина на Тиквеш, кои беа инспирација за создавање оригинални стихови посветени на виното испишани низ годините, на етикети од посебна едиција, која е уникатен спој на виното и поезијата. Заедничката колекција од овие вина, дел од нивната колекција „Луда Мара“, и Тиквеш создавана повеќе од една деценија е збогатена со нови песни од учесниците на 64-тото издание на Струшките вечери на поезијата.
„Од древноста до денес…“ на Димитар Христов ја доби наградата „In vino veritas“ за најдобра песна посветена на виното.
„Пиете вина на „Тиквеш“ за да се потсетите на ноќите поминати во Струга, зашто приказната за Луда Мара е возбудлива. Реката во Тиквешко позната по својата непревидливост и сила не случајно е име на добропозната бренд-линија. Секое вино од оваа линија раскажува своја сопствена автентична приказна и е посебно доживување што води до нови хоризонти. Пушти нека те води…Овде можеме да повлечеме споредба со поетската инспирација којашто тлее во секој од вас, но во мигови на инспирација станува поетска буица, која носи силни емоции и на која треба да ѝ се препуштиме. Оттука доаѓа и мотото „Пушти нека те води“… Луда Мара“, истакнаа организаторите на СВП, во Струга.
Според фестивалската програма, денес, во рамките на „Поезијата на пат“, во Кавадарци ќе биде промовирана панорама на македонската винска поезија „Дионис и Свети Трифун“, чиј приредувач е истакнатиот македонски поет и есеист Славе Ѓорѓо Димоски. Тематската антологија, според приредувачот, панорама на македонската винска поезија е прво видување на оваа тема во македонската литература воопшто.
„Книгата е составена од два клучни дела и еден вовед. Воведниот се две песни едната од Јордан Хаџи Константинов – Џинот, во која се опева дионизискиот ритуал, а другата е од Матеја Матевски, посветена на Свети Трифун. Тие две песни се двата мотиви кои го прават јадрото од кое се развива книгата. Во првиот дел се песни од преродбата до кодификацијата на македонскиот јазик, а вториот е од кодификацијата на македонскиот јазик, односно од 1945 година па навака“, информира Димоски.
Иако замислата му била да направи антологија на македонската боемска поезија, по неколку месечни истражувања заклучил дека нема таква класична боемска поезија, а имало доста песни посветени на лозата, лозјето, виното и задоволставата од пиењето вино, дошол до идеја да ја именува како македонска винска поезија. Содржината е поделена на неколку поглавја кои типично си носат своја тема.
„Вториот дел е поделен на седум кругови тематски групирани, според мотивскиот интерес на авторите кон оваа крупна тема. Поетскиот пристап кон виното и другите видови алкохол е во согласност со балканската и македонската традиција, а тоа е особено изразено во здравиците кои се поместени на почетокот од вториот дел“, додава Димоски.