Поднесено обвинение против 59-годишник за полов напад врз малолетник


Фото: Б. Грданоски

Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена претходна постапка, поднесе обвинение против 59-годишник кој се товари за полов напад врз малолетник.

Како што информира Јавното обвинителство, обвинетиот на 24 август 2024 година во парк во населбата Чаир извршил други полови дејствија врз дете кое во тој момент имало наполнети 15 години. Започнал да го допира детето, но тоа му ја фатило раката и се заканило дека ќе повика полиција. Во тој момент обвинетиот се обидел да избега и да се скрие во влез од зграда. Детето ја затворило вратата од влезот и повикало полиција која го привела обвинетиот.

За обезбедување на обвинетиот во текот на постапката на сила се мерки на претпазливост определени од судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, кои вклучуваат забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, обврска за јавување кај надлежен државен орган, одземање на патна и друга исправа за преминувањe на државната граница и забрана за воспоставување контакт со оштетениот.