Поднесените 1.200 проекти од општините го отворија прашањето дали градежната оператива ќе има кацитет да ги реализира


Колку градежната оператива во земјава ќе може да ги реализира проектите пријавени од општините на двата јавни повика за поддршката од 250-те милиони евра, е проблемот што го разгледуваат Владата и стопанските комори.

Како што информира денеска премиерот Христијан Мицкоски, преку 800 проекти се поднесени од општините на вториот јавен повик од кои најголемиот дел или околу 600 се во Министерството за транспорт, а повеќе од 120 – 130 се во Министерството за животна средина.

Според Мицкоски, на двата повика досега има 1.200 проекти.

-Ова не се случило никогаш, но сега има друг проблем, да видиме дали градежно ќе ги затвориме сите тие проекти зашто 1.200 градилишта кога ќе се додадат на останатите постојни, станува проблем за градежната оператива. Ние веќе имавме состанок со Стопанската комора и со Комората на градежници, нагласи Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Велес.

Поддршката од 20 милијарди денари, дополни, треба да биде голем мотив и поттик за општините и градоначалниците да продолжат да работат за граѓаните.

-Само за локалната самоуправа се наменети 20 милијарди денари. Оваа поддршка мислам дека е голем мотив за општините и градоначалниците да продолжат да испорачуваат за граѓаните и да го следат примерот на Владата, потенцира Мицкоски.