Подложен на корупција е процесот за издавање одобренија во транспортот


Фото: Б. Грданоски

ДКСК цени дека процесот на издавање на одобренија, решенија, лиценци и дозволи, особено во областа на транспортот, како допирна точка на јавниот и приватниот сектор е подложен и ранлив од корупција, како на централно, така и на локално ниво, а истиот често пати е од животно значење.

– Стремежот за највисоките етички вредности и интегритет во едно општество, секогаш треба да резултира со еднаков пристап до одговрни и транспрантни институции и почитување на основните човекови слободи и права. За таа цел потребно е да се воспостави оправдана и одржлива доверба на институциите, преку ефикасно користење на јавните ресурси и јакнење на инститицуоналниот капацитет и интегритет. Сепак, од друга страна сме сведоци на постоење бројни ризици од корупција со посебен акцент на постоење широки дискрециони овластувања, особено во областа на издавање на одобренија, решенија, лиценци и дозволи, трошење на јавните пари и злоупотреба на службените позиции во јавниот сектор –  наведуваат од ДКСК, на денешната дебата „Ризикот од корупција при издавање на одобренија, решенија, лиценци и дозволи во областа на транспортот и спроведување на надзор“.

Посочуваат дека ризиците од корупција во оваа област, меѓу другото се детектирани и во Националната стратегија за борба против корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, која го иницираше процесот и побара истите да бидат отстранети.

Според министерот за транспорт и врски Благој Бочварки, постои огромна збунетост на граѓаните, на јавноста и на стручната јавност за тоа кои институции какви надлежности преземаат и имаат во делот на транспортот.

Еден од првите приоритети, оцени тој, е да се постави борбата со корупцијата на прво место или нулта корупција во однос на сите аспекти од општественото живеење во делот на сите дејности и така ќе продолжиме да работиме во идниот период.

– Кога зборувам за корупција, сакам да споменам дека таа е една од главните причини за создавање недоверба во институциите од страна на граѓаните, но овој период морам да потенцирам дека оваа Влада покажа и решителност и дејство во насока на борбата против корупцијата и направивме сериозни чекори и исчекори во државата, истакна Бочварски. Смета дека се потребни синхронизирани мерки и механизми кои би придонеле за поставување на функционален систем со јасни надлежности, како и тесна соработка помеѓу институции, секако и НВО и сите коишто се засегнати во овие процеси.

Од аспект на секторот транспорт, Бочварски објасни дека како делегирана надлежност на Министерството за транспорт и врски е издавањето дозволи за транспорт на стока, како и дозволи за превоз на патници во меѓународниот и внатрешниот сообраќај. И овде, подвлече тој, се поставува прашањето на влијанието на човечкиот фактор во постапките за издавањето на овој тип на дозволи.

Најголемиот ризик за корупција кога станува збор за институциите, вклучително и МВР, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, и натаму се манифестираат преку злоупотреба на службена положба и овластување при издавање на документи, дозволи, лиценци и решенија, а формите главно се со прифаќање на подароци и услуги, поткуп, оддавање на класифицирани информации, уништување докази и слично.

– Ефикасна борба против корупцијата и тоа како е возможна, меѓутоа покрај силниот внатре-институционален ангажман, неопходно е постоење и соработка меѓу сите ресорни министерства, државни органи и институции за борба против корупцијата и криминалот, воопшто. Соработката треба да служи како базична основа и водечка сила на институциите во борба против корупцијата. Во таа насока посебно би сакал да ја споменам усвоената Стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2021 – 2023 година, со Акциски план, која е, исто така, дел од мерките од Планот за борба против корупција. Нејзината имплементација ќе придонесе кривичните истраги да резултираат со конфискација на имот и имотна корист, со што ќе се зајакне ефикасноста во борбата против организираниот криминал и корупцијата, рече Спасовски.

За поголема ефикасност во извршувањето на инспекциските надзори, потенцира директорот на Државниот инспекторат за транспорт Руфат Хусеини, потребно е зајакнување на капацитетите на инцеспекциските служби, особено на Државниот инспекторат за транспорт. Тој посочи дека надлежните раководители за нив немаат можност и пристап да ги контролираат инспекторите за време на извршувањето на инспекциските надзори.

– Најголем проблем имаме со патничкиот превоз. Најчесто во меѓународниот превоз има проблеми и треба најмногу да се внимава и повеќе да се врат надзори и во Министерството да се види како се издаваат дозволите, кои се издаваат и на тој начин да се намали бројот на прекршоци што се прават од стрнана на превозниците, појасни директорот Хусаеини.

Информира дека Државиот инспекторат за транспорт во првото полугодие во 2020 година има извршено вкупно две илјади надзори, 1.500 редовни, 300 вонредни надзори и  213 контролни. Од сите надзори, откриени се 716 неправилности.