Податочниот центар на МВР во Прилеп ќе биде резервна база за информациските системи на Народна банка


Информатичката инфраструктура на Народната банка ќе биде колоцирана во Центарот за обновување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата во Прилеп, соопшти МВР.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески денеска потпишаа договор со кој Министерството за внатрешни работи и отстапува простор во Центарот за обновување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата во Прилеп, за колокација на информатичко-комуникациска опрема на Народната банка.

-Центарот во Прилеп ќе се користи како дополнителна локација за информатичката инфраструктура на Народната банка, со што продолжува зајакнувањето на отпорноста и унапредувањето на сигурноста на информацискиот систем, особено во случај на кризни настани предизвикани од природни непогоди и кибер напади, се наведува во соопштението.

Центарот, како што појаснуваат од МВР, претставува резервна база (back-up) за клучните и витални информациски системи во земјава, која обезбедува нивно непречено функционирање во случај на прекин или закана за примарниот систем. Истовремено, гарантира безбедно чување на податоците при природни непогоди или катастрофи предизвикани од човечки фактор и овозможува компатибилна размена на информации со другите институции

Покрај Министерството за внатрешни работи, Центарот го користат и повеќе други државни институции, како што се Центарот за управување со кризи, Државниот завод за статистика и Царинската управа. За користење на Центарот, од МВР информираат дека интерес имаат изразено повеќе министерства и агенции, а нагласуваат и дека постои отвореност за соработка со сите останати институции и релевантни субјекти.