Подарениот имот на Јанушев го заверил Тошковски како адвокат, објави СДСМ


Зградата во Скопје во која се наоѓаат становите на Јанушев и Тошковски

 

Опозициската СДСМ објавува ново продолжение во приказната за подарениот имот од 325.000 евра на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, во центарот на Скопје. Според днеска објавениот документ, подарениот имот на Јанушев од неговите родители (како што тврди тој) бил заверен од адвокатот Панче Тошковски.

Адвокатот Панче Тошковски денеска е министер за внатрешни работи и има стан од 146 метри квадратни и 46 квадрати деловен простор во истата зграда каде што се наоѓа контроверзниот имот на Јанушев, тврди СДСМ.

„Навидум ништо спорно, затоа што Тошковски е познат адвокат. Но, дали всушност Тошковски и Јанушев се јавуваат и како инвеститори за заедничка изградбата на истата зграда каде што имаат имоти? Дали се другари по имот или се другари по бизнис?“ наведува СДСМ.

Партијата вели дека случајот со парцелатата на којашто се наоѓа зградата во која имаат имот и Тошковски и Јанушев влече корени уште од 2010 година со процес на денационализација и приватизација.

Тошковски вчера изјави дека надвор од она што е наведено во изјавата за имотната состојба не поседува ништо друго.

„Ги повикувам институциите детално да го проверат мојот имот, но и имотот на секој актуелен и поранешен функционер, особено на оние кои целиот свој живот се на товар на државниот буџет. Упатувам порака до СДСМ да престане со лаги и манипулации“, рече Тошковски

Игор Јанушев е поостар и многу поопширен во неговиот одговор на Фејсбук. Тој ја ословува опозициската партија со СДС, тврди дека податоците во имотниот лист биле погрешно внесени (веројатно од него) и дека веќе направил корекција и вели дека опозиционерите се „давеле во барата“. Тој уште ги нарече опозиционерите „багра“.

„Не постои никакво подарено земјиште… има погрешно внесени податоци за што веќе е направена и корекција од моја страна. Истиот имот кој во моментов го поседувам, го поседував и во минатото“, напиша Јанушев во реакцијата на Фејсбук.