Под истрага е лицето што го уништи ранецот со пиштолите и моторолите
Засега нема притвор за осомничениот, туку мерки за претпазливост и одземен пасош

Основното јавно обвинителство Скопје итно постапи за проверка на наводите изнесени од обвинет во текот на вчерашното рочиште од судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. По наредба на јавен обвинител едно лице е лишено од слобода и против него е поведена истрага за „помагање на сторител по извршено кривично дело“ согласно член 365 став 3 од Кривичниот законик.
-Согласно исказот на еден од обвинетите, сега осомничениот помогнал со прикривање на орудијата со кои се извршени кривичните дела за кои е пропишана казна доживотен затвор. По пренесени инструкции од првообвинетиот, осомничениот од просториите на политичката партија Десна зел еден син ранец во кој се наоѓало огнено оружје пиштол – со кој биле извршени двете кривични дела и го отстранил од партијата. Со тоа им помогнал на обвинетите да не бидат откриени. Со цел проверка на наводите, јавниот обвинител обезбеди и судски наредби со кои беа извршени претреси на две локации, а се преземаат и други истражни дејствија, соопшти ОЈО.
Со цел обезбедување на осомничениот до завршување на постапката, се вели во соопштението, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост – привремено да му се одземе патната исправа и да се определи забрана за нејзино издавање, како и да се определи повремено да се јавува кај службено лице во судот.
-Истрагата против ова лице претставува посебен предмет кој не влијае на судската постапка за двете грабнувања и убиства која е во завршна фаза и во рамките на која Јавното обвинителство го поткрепи обвинението со огромен број вербални и материјални докази за сторените дела, појаснуваат од ОЈО.
З.Д. вработен во Народна банка, вчера беше приведен поради сомнение дека го презел и го уништил ранецот во кој, според наводите на обвинетиот Велибор Манев, било сокриено огненото оружје со кое биле убиени Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Основниот кривичен суд Скопје на 25 јуни ќе ја донесе конечната пресуда за петмината обвинети за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, откако вчера одбраната на првообвинетиот Љупчо Палевски и другите обвинети во случајот ги дадоа своите завршни зборови.
Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Обвинетите на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни, а првообвинетиот Палевски низ процесот тврдеше дека ова е политички монтиран процес.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.