Почнува трката за „Златна палма“ во Кан


Франција – Од денес почнува трката за „Златна палма“ на годинешниот 72. Меѓународен филмски фестивал во Кан, Франција.

Мексиканскиот режисер Алехандро Гонзалес Инариту, добитник на два „Оскара“, за филмовите „Повратник“ и „Човек птица“, ќе претседава со жирито на една од најпрестижните филмски смотри во светот која ќе трае до 25 мај.

Со изборот на педесет и петгодишниот мексикански уметник на местото претседавач со жирито, Фестивалот ќе ја „слави целокупната мексиканска кинематографија“, и во прв план ќе го стави режисерот кој со помош на виртуелната стварноста на гледачите им овозможи да го спознаат пеколот низ кој минуваат мигрантите во филмот „Месо и песок“. За овој филм во 2018 година Инариту го освои „Оскарот“ во категоријата особени постигнувања.

Лани, претседателка на жирито беше актерката Кејт Бланшет, која играше во неговиот филм „Бабел“ од 2006 година. Инариту тогаш ја освои „Златната палма“ за најдобар режисер.

„Златната палма“ минатата година му припадна на јапонскиот режисер Хироказу Коре-ед за филмот „Крадци“(Shoplifters).

Фестивалот годинава ќе ѝ оддаде почит на неодамна почината режисерка Агнес Варди, со нејзиниот лик на главниот плакат за настанот.

Свеченоста ќе ја отвори филмот „Мртвите не умираат“ (The Dead Don’t Die) на американскиот независен режисер Џим Џармуш, кој 1984 година ја доби „Златната палма“ за остварувањето „Почудно од рајот“. На фестивалот ќе биде прикажан и биографскиот филм за Елтон Џон – „Rocketman“.

На фестивалот се очекуваат многубројни ѕвезди, меѓу кои Квентин Тарантино, чиј филм е во трката за главна награда, како и Леонардо ди Каприо, Бред Пит, Изабел Ипер и музичарите Иги Поп, Елтон Џон и Боно Вокс.

Великанот на француската кинематографија Ален Делон ќе ја прими почесната награда „Златна палма“ за животно дело.

Американскиот актер Силвестер Сталоне, исто така, ќе биде дел од фестивалот на кој ќе бидат прикажани ексклузивни снимки од петтото продолжение на „Рамбо“ на специјална проекција како омаж за актерот.

 

Гала Кроазета

Подалеку од светлото на фестивалот, илјадници обожаватели на филмски ѕвезди ќе ја преплават Кроазета, една од најпрометните шеталишта во Европа. Погледот на море, како и изложените суперјахти, без сомнеж ќе добијат поголем дел од вниманието.

Меѓународниот филмски фестивал во Кан лани забрани слики со мобилен телефон на црвениот тепих, поради тоа што го нарушува протоколот на доаѓањето на гостите.

 

Северна Македонија со свој штанд во павиљонот на Југоисточна Европа

 

Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и оваа година ќе присуствува на Канскиот филмски фестивал. Ќе ги престави најновите македонски филмови на својот штанд во павиљонот на Југоисточна Европа SEE Pavilion no. 133, каде традиционално има голем број на посетители и професионалци од филмската индустрија, претставници од национални филмски центри и агенции и веќе се закажани бројни состаноци од кои се очекува да произлезат плодни соработки.

Во рамките на фестивалот, на отворањето на програмата Cannes Directors’ Fortnight 2019, утре, во Théâtre Croisette ќе биде прикажан омнибус од пет краткометражни филмови во кои ќе учествува со свој филм и македонската авторка, Елеонора Венинова, соопшти Агенцијата за филм.