Почнува „Битола Шекспир фестивал“


Под мотото „ …И на крајот вистината ќе се дознае…“ на 23 јуни (недела) започнува 7. по ред „Битола Шекспир фетивал“. За време на шесте фестивалски дена, ќе бидат одиграни 6 претстави од 5 држави, и тоа: Хрватска, Италија, Романија, Шпанија и Македонија.
– Станува збор за разновидна и квалитетна програма, а изборот го направивме од апликациите кои пристигнаа за фестивалот. Првпат оваа година дадовме можност да се аплицира, а наведовме пропозиции за учество. Програмата се разликува по својата естетика и по уметничкиот третман на делото на Шекспир – рече Иван Јерчиќ, директор на Народен театар – Битола, институција која е организатор на „Битола Шекспир фестивалот“.
Фестивалот се отвора со претставата „Кротење на фуријата“ на Хрватско народно казалиште од Сплит, која ќе се игра во недела на Големата сцена на НТБ, со почеток во 20 часот.
– Претставата го третира проблемот на позицијата на жената во денешното општество преку делото на Шекспир, односно тоа е едно современо читање на Шекспир – велат организаторите.
На 24 и 25 јуни, театарската публика ќе може да ги проследи „Imperfect dancers company“ (Несовршени танчари) од Италија со танцовите претстави „Лејди Магбет“ и „Хамлет“ во режија на Волтер Матеини и Ина Броек. На 26 јуни настапува независната театарска трупа „Nave 73 Theatre“ од Мадрид, Шпанија, која ќе ја изведе претставата „Јулија и Офелија, доживотни самоубиства“ во режија на Арон Лобато. Претставата го третира родовиот проблем, а женските улоги ги играат мажи.
На 27 јуни на програмата е Театарот од Романија кој во копродукција со други театри ќе ја играат претставата „Розенкранц и Гилденстерн се мртви“ во режија на Тапасто Ерно. Фестивалот се затвора со претставата „Крал Иби“ на Драмски театар од Скопје во режија на Васил Христов.
Организаторот, односно Народниот театар од Битола, годинава нема да има своја претстава на фестивалот.
– Искуството од ланското издание на фестивалот ни покажа дека не е добро ако е обична изведба, а не праизведба на претстава. Програмата за годинава е позната и сите знаеме дека ниту еден од режисерите не предложи да го работи Шекспир во Народниот театар во Битола – рече Илина Чоревска, уметнички раководител на НТБ, образложувајќи ја причината зошто битолскиот театар нема да има своја претстава на фестивалот.
Во „Офф-програмата“, организаторите најавуваат промоција на книга, работилница за деца, настап на аматерска театарска група, настап на студенти – идни актери, дебатно кино со проекција на филм и неформални дружења на учесниците на „Битола Шекспир фестивал“ со познати бендови и диџеи.
Фестивалот е поддржан со 1,7 милион денари од Министерството за култура и 1 милион денари од Општина Битола, а дел и со спонзорства. Организаторите рекоа дека нема да се жалат за финансиската конструкција, затоа што, како што велат, имаат доволно пари за годинешното издание. Сепак, неизвесно е колку публика ќе привлечат претставите.
– Започнавме агресивна рекламна кампања, се надеваме дека годинава ќе имаме публика повеќе од лани. Претставите ќе се одиграат, но очекувам да бидат гледани – вели директорот на Народниот театар – Битола, Иван Јерчиќ.

Емилија Мисирлиевски