Почнува 15. фестивал „Здраво млади“ во МКЦ

Петнаесеттиот фестивал на нова музика „Здраво млади“ ќе се одржува денеска и утре во Младинскиот културен центар (МКЦ).
Како што информира ЈУ Младински културен центар, „Здраво млади“ е фестивал на независна и современа музичка сцена, создаден со цел да биде платформа за млади музичари, нови музички правци и иновативна програма.
Првиот фестивалски ден е посветен на домашната млада алтернативна сцена, која ќе се реализира во соработка со Музичката младина на Македонија. Во рамки на овој проект, насловен „Imagine Macedonia“ во кој МММ е партнер, e натпревар за млади музичари со авторска музика од сите жанрови, чија цел е здружување на млади луѓе од сите музички жанрови. „Imagine Music Experience“ годинава се одржува во девет земји (Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Македонија, Унгарија, Холандија, Велика Британија и Зимбабве) и е програма отворена за музичари на возраст од 13 до 21 година. Секоја година, победниците на националното финале од секоја од овие земји имаат шанса да настапуваат и да се натпреваруваат на меѓународното финале во Брисел, Белгија (11-15 декември) во салата на La Botanique.
Годинава „Imagine Macedonia“ ќе се реализира во соработка со Младинскиот културен центар во Скопје и фестивалот „Здраво Млади“ на кој ќе настапат следните млади музички состави: „LSD during war“, Големата вода, Мираж, „The Pot“, „Sunneater“, Корка, „Tsar Von Time“ и „DENMV“.
В сабота главната фестивалска вечер ќе ја отвори победникот од денешниот натпревар, Imagine Macedonia. Вечерта е поделена на три фестивалски бини: сала „25 Мај” (Денсинг сала), на која ќе настапат легендарниот белградски бенд „Repetitor“, митскиот либиски цар на „хабиби фанкот“ – Ахмед Факрун, скопскиот состав „Pedro Horizonte“, хрватскиот алт-поп бенд во подем „Ki Klop“ и новите рокенрол ѕвезди на македонската сцена – Преку ред.
Втората фестивалска бина, лоцирана во Клубот МКЦ, оваа година се реализира во соработка со здружението на граѓани за промоција на женската активност „Tiiiit.Inc“ од Скопје. Бината е посветена на фестивалот „Прво па женско“ и во рамките на оваа програма, ќе настапат следните артисти: „Pocket palma“, „Suze od luka“, Katerinha, Gillespie, KEM, Lelee. Оваа програма, настанува како фузија на двата фестивали – „Здраво млади“ и „Прво па женско“, кое годинава ќе го доживее своето 13 издание. Фестивалот „Прво па женско“ е единствен фестивал во земјата посветен на феминистичката култура и активизам, кој промовира разновидни пристапи во промислувањето и репрезентацијата на родот во уметноста и критичките пракси. Програмата, која ќе ја претстават во рамките на „Здраво Млади“ e дел од есенското издание на „Прво па женско 13“. Дизајнот оваа година за фестивалот го изработи младата дизајнерка Ана „Април“ Попоска.
Фестивалот „Здраво млади“ е поддржан од Министерството за култура и туризам, Град Скопје, мрежата Liveurope и Тиииит.инк, а влезот е слободен.