Почнува 14. Фестивал на Новиот германски филм
Драма, трагикомедија и комедија, семеен, детски и документарен филм, серија кратки филмови, како и предавања и работилници со студентите по филмска уметност, ќе понуди годинашното издание на Фестивалот.
-Филмовите се грижливо избрани со цел да задоволат многу вкусови, а некои од нив се навистина ексклузивни со постигнат огромен успех на филмските фестивали. Еден од филмовите беше и во конкуренција за наградата „Златна мечка” на престижното Берлинале, велат организаторите.
Од утре до 6 мај во кино „Фросина“ ќе бидат прикажани „Жешко столче”, „Надвор од системот”, „Во време кога светлината згаснува”, „Исход на вистината”, „Стикс”, „Среќата е за слабаци”, „Љубопитниот Тоби и тајната на нашата планета”, „Тим Талер или момчето што ја продаде својата насмевка” и „Помош ги смалив родителите”.
Фестивалот ќе патува и во кино салите на Кавадарци, Куманово, Гевгелија, Прилеп, Охрид, Радовиш, Штип, Тетово и Битола.
На Фестивалот гости ќе бидат директорот на Берлинскиот фестивал за кратки филмови „Интерфилм“, Хајнц Херманс и и филмската монтажерка од Берлин, Алета вон Фитингхоф. Тие ќе се сретнат со сите заинтересирани филмски работници во земјата, а ќе ги одржат и работилниците со студентите по филмска уметност. На отворањето на фестивалот, ќе се претстават пред публиката, а обраќање ќе има и амбасадорот на Германија, Томас Герберих
Фестивалот на Новиот германски филм се организира со поддршка на Германската амбасада.