Почнал пазарот за амбасадорските места, амбасадите во САД речиси испразнети


Започнати се консултации за повеќе амбасадорски места, за што ќе информираме во периодот што следи, изјави премиерот Христијан Мицкоски, прашан дали се започнати консултациите за нов амбасадор во Обединетите нации по оставката на амбасадорот и постојаниот претставник Љубомир Фрчкоски. 

Во однос на актуелната дипломатска мрежа на земјава, Мицкоски рече дека има причина за незадоволството на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. 

–  Кај нашиот стратешки партнер САД, во aмбасадата, имаме две вработени лица, а во Мисијата на ОБСЕ од две, имаме 12. Ако сме стратешки партнер со САД треба така и да се однесуваме. Не само да мавтаме со знамето, треба и со дела да покажеме дека навистина сме стратешки партнер, изјави Мицкоски, иако е познато дека Македонија ја засили мисијата во ОБСЕ затоа што беше претседавач во клучен период.  

Според Мицкоски, некој ја приватизирал и партизирал таа институција и сега веќе, како што нагласи „полека, но сигурно се ослободува“. 

– Септември доаѓа, многу работи ќе излезат на виделина, изјави Мицкоски.

Мицкоски, исто така, најави проmeни и во Мешовитата комисија.

– Мислам дека ќе има кадровски промени таму многу скоро. Периодов што следи, мислам овој месец или почетокот на септември, изјави Мицкоски.

Амбасадорот во Обединетите нации Љубомир Фрчкоски поднесе оставка од функцијата. Информацијата за МИА ја потврдија од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Фрчкоски на амбасадорката позиција во Њујорк беше назначен во 2022 година, а указот за неговото назначување го потпиша тогашниот шеф на државата Стево Пендаровски. 

Неодамна, Фрчкоски беше повикан на разговор во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија поради наводни финансиски нерегуларности во работењето на претставништвото, но како што изјави министерот Тимчо Муцунски, до разговорот се уште не дошло поради здравствени причини на амбасадорот. Неофицијално нема ни да дојде бидејќи Фрчкоски нема идеолошка допирна точка со овој владин состав и повикот за консултации го сфаќа како глумење причини за смена.

Инаку, во мисијата на Македонија во ОН кога стигна повикот за консултации беа само Фрчкоски и секретарката, која е локален персонал, т.е. од САД. Кој ја води сега амбасадата и колку паметна и итна беше таа одлука веднаш да се повика, е друго прашање, имајќи во предвид дека сето ова се случува во пресрет на Генералното Собрание на ОН, што е најголем собир во ОН секоја година.