Почна судењето за злоупотребата на ИПАРД фондовите


Кривичен суд (Фото: Б. Грданоски)

Во Кривичниот суд почна судењето за поткупот поврзан со ИПАРД фондовите од Агенцијата за поддршка на земјоделството. На обвинителна клупа седна Џевдет Насуфи, сопственик на фирмата која аплицирала за средства од програмата и обвинет за двање поткуп. Тој е во домашен притвор. Од затворот Шутка беше донесен директорот на Агенцијата Илија Стоилев, кој според обвинението примил дел од ветениот поткуп, а обвинети се и Јасмина Костадинова, Фејзула Фејзула и Амед Фејзула за примање награда. 

Според наводите во обвинението, првообвинетиот како управител на кривично одговорно правно лице аплицирал на јавен повик на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој и поднел барање за користење финансиски средства преку ИПАРД програмата. Бидејќи не ги исполнувал пропишаните услови, апликацијата била пониско рангирана и не ги исполнувала критериумите за добивање финансиска поддршка.

Обвинителството тврди дека со цел апликацијата неосновано да биде повисоко рангирана и побараниот износ на финансиска помош во целост да биде одобрен, управителот во повеќе наврати ветувал и давал пари. На раководно службено лице во Агенцијата му бил ветен подарок од 50.000 евра, а на уште три лица им биле дадени по 5.000 евра за да го искористат своето реално влијание и службена положба и да извршат притисок за донесување одлука која не смеела да биде донесена.

Вчера, во пресрет на судењето, министрите Тимчо Муцуински и Цветан Трипуновски беа во Брисел и разговараа за одблокирање на ИПАРД фондовите што се замрзнати поради овој скандал.