Почна средбата на премиерот Ковачевски со лидерите на парламентарните партии

На средбата присуствуваат Али Ахмети, Маја Морачанин, Христијан Мицкоски, Африм Гаши, Павле Трајанов и Мендух Тачи. Не дојдоа Димитар Апасиев и Билал Касами


Фото: Б. Грданоски

 

Во Собранието почна средбата на премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски со лидерите на парламентарните политички партии, на која треба да се разговара за европскиот пат на земјава, како и за одлуките што во иднина треба да се носат со широк политички и општествен консензус.

– Средбата која ја свикува претседателот на Владата, се организира со цел да се отвори дискусија за европската иднина на Република Северна Македонија, но и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус, соопшти Владата во најавата за свикување на средбата на 2 ноември.

На средбата присуствуваат лидерите на ДУИ Али Ахмети, на ДОМ Маја Морачанин, на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на Алтернатива Африм Гаши, на Демократскиот сојуз Павле Трајанов, на ДПА Мендух Тачи. На средбата не присуствуваат лидерите на Левица Димитар Апасиев и на Беса Биљал Касами. 

Морачанин не очекува да се постигне договор на лидерската средба

Претседателката на ДОМ, Маја Морачанин очекува денешната лидерска средба да биде конструктивна.

-Очекувам да имаме комуникативна дискусија, бидејќи сите партии јасно се декларираат дека се проевропски, односно дека во нивните програмски цели е членството на Македонија во ЕУ. Не очекувам дека денеска ќе се постигне договор, имајќи ги во предвид изјавите од опозицијата дека тие бараат дополнителни гаранции за промена на Уставот, но добро е да заеднички да разговараме за стратешки прашања важни за државата и народот. Не знам кои се гаранциите кои опозицијата ги бара, па потоа можеме да дискутираме кој може тоа да го обезбеди, рече Морачанин пред влегувањето на закажаната лидерска средба во Собранието.

Таа смета дека условувањата никому не носат добро, бидејќи темата на денешната средба е европската интеграција на земјава.

-Ова барање на опозицијата за предвремени избори датира уште од локалните избори. Фокусот треба да ни биде предбродување на економската криза. Наша заложба како ДОМ е овие реформи неопходни за државата, поинтензивно да се спроведуваат во државата, изјави меѓу другото лидерката на ДОМ.

Време е да се разговара за идентитетот на Албанците, порача Тачи

Мислам дека станува збор за уставните измени. Се надевам со добар дијалог ќе постигнеме договор, бидејќи друг пат и начин немаме за да го деблокираме евроинтеграцискиот процес. БЕСА за мене се се уште дел од коалицијата „Можеме“ со СДСМ. Многу е лошо кога книгата која ја вие пишувате ќе ја предава некој на друг универзитет. Тоа е крадење на платформа и идеја, изјави изјави лидерот и пратеник на ДПА, Мендух Тачи пред почетокот на лидерската средба во Собранието.

Тој смета дека е време јавно да се разговара за идентитетот на Албанците да станат дел од правните нормни на нашата држава.

-Мислам дека не е моментот за услови и уцени и трето не е моментот да се дава оружје на рака на противниците на интеграциските процеси. Разговарав со Ахмети за оваа тема, но ние немаме никаков услов и тоа треба јасно да каже, рече Тачи.

Трајанов ќе барам да се испрати порака до Бугарија да ги признаат Македонците

Во име на Демократскиот сојуз ќе побарам да се разговара за тоа да упатиме силна и заедничка порака до Бугарија, до тамошниот државен врв да ги признаат Македонците како национална припадност и да ги признаат да можат да ги остваруваат сите свои права, меѓу кои и да формираат партии и свои асоцијации. Ова прашање ќе го покренам и ќе барам политички консензус од сите партии, затоа што досега никој од државниот врв не го покренува ова прашање, како што ги имаат другите етнички заедници во земјава, изјави лидерот и пратеник од ДС, Павле Трајанов пред почетокот на лидерската средба во Собранието.

Трајанов на средбата ќе го отвори и прашањето за темелни реформи на изборното законодавство и земјава да биде една изборна единица.

-Треба да изградиме единство и сплотеност во овие економски и енергетски промени. Околу Бугарите, немам ништо против да бидат дел од Уставот, но само на реципрочна основа, појасни Трајанов пред влегувањето во Парламентот.

Гаши нема да условува

 

Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши вели дека неговата партија стои 100 проценти позади евроинтеграцискиот процес на земјава и ќе даде поддршка да се отворат Поглавјата со ЕУ.

-Јас доаѓам денеска за да дадам поддршка. Нормално е да разговараме и за нашиот предлог-амандман. Не сум запознаен за што ќе се разговара на денешната средба. Нема да условуваме во никој случај. Ниту сега, ниту некогаш. Алтернатива не е партија која условува. Сакаме да воведеме принцип тој начин на условување да заврши како комуникација меѓу нас, рече Гаши пред влегувањето во Парламентот на денешната закажана лидерска средба помеѓу политичките партии.

Беса одби да учествува на лидерската средба – не учествува ни Левица
Претседателот на движењето Беса и градоначалник на општина Тетово, Биљал Касами денеска соопшти дека неговата партија нема да учествува на лидерската средба свикана од премиерот Димитар Ковачевски. Според него, средбата „е формалност за да се спаси ДУИ“.

-Една од главните европски вредности е познавањето на јазикот на еден народ, што не е случај ниту во Северна Македонија каде албанскиот јазик сѐ уште се дефинира со погрдниот термин „20 проценти“. Состанокот што го свика премиерот Ковачевски е формалност, за да се спаси ДУИ од обврската да седне на иста маса на претставниците на албанските партии, на која претставникот на ДУИ требаше да даде отчет за реализацијата, или не, на преземените обврски со договорот, во кој услов е внесувањето на албанскиот јазик во Уставот на државата, рече Касами.

-Албанците се автохтони во оваа држава и не дозволуваме да бидат третирани со погрдни термини како 20 проценти. Затоа, движењето БЕСА нема да учествува на средбата што ја свика премиерот Ковачевски, истакнал Касами на прес-конференција во седиштето на партијата.

Од Беса на 1 ноември испратија покана до сите партии од албанскиот блок за заедничка средба, чиј фокус ќе биде можната замена на формулацијата „јазик кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“ во Уставот.

Уште вчера беше познато дека и партијата Левица нема да учествува на денешната лидерска средба во Собранието.