Почна реконструкцијата на граничниот премин Деве Баир, дел од Коридорот 8
Надградбата и реконструкцијата на граничниот премин Деве Баир, на границата на Македонија кон Бугарија, официјално почна денеска со градежни активности, при што целта е до 2026 година да има целосно нов премин кој ќе го олесни патувањето на Коридорот 8. Исто така, слични активности наскоро ќе почнат и на другата страна на овој коридор кој минува низ нашата земја, односно на граничниот премин Ќафасан, на македонско – Албанската граница. Ова беше напосочено на свеченоста на Деве Баир, на која беа премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, претставникот на Светска банка во земјава, Масимилијано Паолучи и директорот на Царинска управа, Бобан Николовски. Инвестицијата е 1, 6 милиони евра, а реконструкцијата се реализира во соработка меѓу Министерството за транспорт и Царинската управа.
„Овој проект го започнуваме денеска, а треба да биде завршен до мај 2025 година и да имаме прва фаза завршена од реконструкција на граничниот премин Деве Баир. Во моментов работиме на нов детален урбанистички план од А категорија кој што треба да не однесе до втората фаза на реализација на граничниот премин, така што во текот на следната година ќе почнеме, а во текот на 2026 година ќе го завршиме целосен овој граничен премин и во делот на граничната управа и во делот на фитосанитарната управа и во делот на граничната полиција и секако со повеќе сообраќајни ленти“, рече Николоски додавајќи дека до овој граничен премин веќе од Нова година ќе води и нов експресен пат од Ранковце до Крива Паланка.
Тој најави и дека почнува проектирање нова траса со цел поврзување од Куманово со новиот експресн пат до Ранковце, така што од Скопје до граничниот премин ќе се стигнува за час/час и десетина минути.
„Се надевам дека и нашите соседи ќе посветуваат исто или слично внимание како што ние посветуваме на Коридор 8, тука мислам на Бугарија и Албанија како дел од Коридор 8“, рече Николоски.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека модернизацијата на овој граничен премин е силна политичка порака.
„Со самата оваа реконструкција и со реконструкција на ГП Клепало, покажуваме дека секоја точка на Македонија ни е важна. Македонските граѓани кои што ќе го отплаќаат овој кредит земен од Светска банка, ќе добијат модерни гранични премини, а Царинската управа поефикасни услови за работа. Преку модернизација на граничните премини ќе создадеме подобри услови и ќе се избегнат оние гужви и турканици“, додаде премиерот Мицкоски.
Директорот на Царинската управа Бобан Николовски, истакна дека инвестирањето и подобрувањето на граничните премини е дел од заложбите за побрза интеграција во ЕУ. Изградбата на нов современ објект за стоково царинење, на нова управна зграда ќе ги подобри условите за работа на царинските и полициските службеници и сите инспекциски служби на граничните премини, потенцираше директорот на Царинската управа, Николовски.