Почна расправата по ребалансот на Буџетот, СДСМ поднесе 160 амандмани

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет претпладнево почна дебатата за ребалансот на Буџетот за 2025 година, во второ читање, за кој поднесени се над 200 амандамни.
Вкупните приходи се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари, а расходите на износ од 403,7 милијарди денари, по еден процент (околу 3,5 милијарди денари) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за годинава. Проекцијата за БДП останува 3,7 проценти, а инфлацијата е проектирана на ниво од 2,8 проценти. Буџетскиот дефицит останува непроменет – 4 проценти од БДП. Државниот долг на крајот на 2025 година, според проекциите на Владата, ќе изнесува 53,3 проценти од БДП, а јавниот долг се очекува да биде на нивото од 62,1 процент.
Заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски образложи дека предложените измени и дополнувања на Буџетот се потврда на фискалната политика за неопходноста од консолидација и подобрено управување со јавните финансии.
„Целта е непречено извршување на Буџетот и одржување на идентично ниво на буџетскиот дефицит планиран со иницијалниот Буџет. Со ревидираните фискални проекции се врши усогласување на расходите со досегашната реализација и очекувањата, односно се дообезбедуваат средства за исплата на плати, пензии, програмски и проектни активности со едновремено искористувања на средствата од предходните години на посебните сметки“, наведе Јанкуловски.
Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на прес-конференција го пренесе ставот на партијата, според кој предложениот ребаланс на Буџетот е доказ за целосниот неуспех на економската политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Овој ребаланс ја разоткрива вистината – дека економијата тоне, граѓаните се оставени сами на себе, а власта продолжува да се луксузира додека ги задолжува идните генерации.
Со овој ребаланс нема пари за соодветно и заслужено покачување на платите на работниците, за поголеми плати во образованието, здравството. Нема пари за повредените и семејствата на настраданите во Кочани. Нема пари за нови мерки за заштита на стандардот на граѓаните, за намалување на цените. Граѓаните се оставени сами на себе.
Вака сиромаштијата ќе расте, граѓаните ќе имаат се помалку пари, а животот ќе биде потежок. Власта крати пари од граѓаните за да има повеќе пари за луксузирање на функционерите“.
Лукаревска тврди дека јавните претпријатија биле нова жртва на алчноста на власта. „Со ребалансот, Владата сака да земе 70 милиони евра од неданочни приходи. Тоа значи – ќе им ги земат профитите на јавните претпријатија кои успешно работат… За Фондот за ПИОМ власта одвојува дополнителни 35 милиони евра. Ова значи дека придонесите не се наплаќаат доволно, дека дупката во Фондот за пензиско се зголемува…
До мај се реализирани само 22 отсто од планираните капитални расходи, а тоа е за 14 проценти помалку од истото време минтата година која ја нарекуваа катастрофа…
Во ребалансот ги нема шесте милијади евра од Британија. Тоа значи дека нема договор за изворите на парите, не се знае каматата, не се знае ништо. Како тогаш се лицитира со проекти ако нема извори на финансирање и камати?“, рече меѓу другото Лукаревска.
Таа најави дека СДСМ поднесува 160 амандмани за кои бара поддршка. Меѓу нив се одвојување на934 милиони денари за финансиска поддршка за семејствата на загинатите и повредените во Кочани; 60 милиони денари за реновирање на болницата во Кочани и 20 милиони за нова опрема во болницата во Кочани; зголемување на студентски стипендии и поддршка за студенти од ранливи семејства; бесплатен превоз за ученици во руралните средини…