Почина војникот што го уби Че Гевара: Марио Теран ѝ подлегна на болеста на 80 години


Боливискиот војник Марио Теран, кој во 1967 година го уби кубанскиот револуционер Ернесто Че Гевара, почина на 80-годишна возраст, објави телевизискиот канал „Телесур“.

Теран почина вчера по долго боледување во градот Санта Круз во централна Боливија. Пензионираниот генерал Гери Прадо, кој ја предводеше групата што го зароби Че Гевара пред 54 години, ја потврди веста за смртта на Теран.

Марио Теран „едноставно ја исполни својата должност како наредник на армијата“, рече Прадо.

Зборувајќи за Radio Compañera, тој рече дека Теран починал по долго боледување. Зад себе остави сопруга и две деца.

Последната фотографија на Че Гевара пред да биде фатен

Ернесто Че Гевара, аргентински лекар, беше водечка фигура во Кубанската револуција од 1959 година. Откако беше висок функционер во владата на Фидел Кастро, Че Гевара ја напушти Куба во 1965 година за да започне револуции низ Африка и Јужна Америка.

Беше заробен на 8 октомври 1967 година во акција на боливиската армија и агенти на американската Централна разузнавачка агенција.

Теран беше избран да го убие откако од главниот град пристигнаа наредби да се погуби веќе ранетиот Гевара, тогаш на 39-годишна возраст.

Боливиските војници со телото на мртвиот Че Гевара

„Тоа беше најлошиот момент во мојот живот“, им рече тој на новинарите подоцна. „Го видов Че голем, многу голем. Очите му светкаа интензивно. Почувствував како доаѓа над мене и кога го насочи погледот во мене, ми се заврте…

„Смири се“, ми рече, „и нишани добро! Ќе убиеш човек!“ Потоа направив чекор назад кон вратата, ги затворив очите и пукав“, пренесува Гардијан.

Биографите на Гевара рекоа дека неговите први истрели ги промашиле градите на Гевара, но на крајот погодиле.