Почина уште еден пациент повреден во пожарот во Кочани
Стојанче Стефанов (24) е 62 жртва од пожарот во дискотеката „Пулс“ што се случи на 16 март годинава. Тој почина во ВМА во Белград

Министерството за здравство информира дека според информациите од Воено медицинската академија во Белград, денеска претпладне на повредите им подлегна Стојанче Стефанов од Кочани, роден 2001 година.
Станува збор за пациент, кој од првиот ден, согласно извршената првична тријажа од медицинските тимови е веднаш упатен на лекување во ВМА во Белград, кој беше интубиран и во критична состојба во изминатиот месец, информираа од министерството. Станува збор за пациент со 27 отсто зафатеност со изгореници и сериозни повреди од вдишување на чад.
Во ВМА е опериран на 4 април и поставен на ЕКМО апарат, преку кој се оксигенира крвта преку машина, заради вдишаниот чад. Но, заради сериозноста на повредите, тој поголем дел од хоспитализацијата бил нестабилен и во тешка општа состојба.
Министерството за здравство изразува најдлабоко сочувство до фамилијата и до сите засегнати од трагедијата во Кочани.
Стефанов е 62 жртва од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март годинава.