Почина Тихомир Јанчовски, поет и професор
Почина Тихомир Јанчовски, поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, соопшти Друштвото на писатетелите на Македонија (ДПМ).
Со длабоко жалење и со огромна тага известуваме за прераното заминување на нашиот драг Тихомир Јанчовски (1967, Скопје): поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010), стои во соопштението од ДПМ.
Дипломирал општа и компаративна книжевност на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во 1991 година. Специјализирал во Будимпешта, на катедрата за Средновековни студии на Централно Европскиот Универзитет. Магистрирал современа историја на УКИМ во 2010 година.
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик.
„Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.
За точниот датум и час за испраќање последен поздрав на Тихо ќе следи дополнително известување. Нека му е вечен споменот!“, се вели во соопштението на ДПМ.
За точниот датум и час за испраќање последен поздрав на Тихо ќе следи дополнително известување. Нека му е вечен споменот!“, се вели во соопштението на ДПМ.