Почина Љубомир Стојсављевиќ-Кучкар, виртуоз на бас гитара и член на легендарните „Бастион“


Македонската музичка сцена синоќа загуби уште едно значајно име кое што ја обликуваше во еден период на нејзиниот развој. Станува збор за Љубомир Стојсављевиќ-Кучкар (1959), виртуоз на бас гитара и дел од легендарните „Бастион“, но и музичар кој соработуваше со многу познати имиња од македонската музичка сцена во областа на џезот и рок музиката.

Иако подолго време беше надвор од музичките текови, Кучкар ќе остане запаметен по неговиот начин на свирење на басот, кој не беше само обичен дел од ритам секцијата туку ѝ даваше душа на секоја отсвирена нумера.

Беше активен на многу полиња, пред сѐ во областа на џез и фанк музиката, а значаен придонес имаше и во обликувањето на Скопскиот џез фестивал во самите негови почетоци, за што сведочат и изјавите на колегите музичари во документарниот серијал за оваа значајна манифестација кај нас.

Остави силен белег на македонската музичка сцена. Како дел од легендарните „Бастион“, заедно со Кирил Џајковски и Ана Костовска, како и со режисерот Мично Манчевски, нивниот истоимен единствен албум (1984) и видео записите од него и денеска се сметаат за актуелни и зборуваат колку биле пред времето кога беше издадено ова музичко дело. За тоа зборуваат и реизданијата на албумот, прво како ЦД (2006) заедно со обработки на нумерите (покрај оригиналните изведби), а потоа и реиздавањето како винил, во 2018 година. Промоцијата на реизданието во МКЦ тогаш привлече голем број поклоници на нивната музика.

Во таа прилика издавачот „АЦЦ рекордс“ посочи дека „сочните и блескави синтисајзерски текстури на Кирил Џајковски, беспрекорниот фанки бас на Стојсављевиќ, експресивниот и страствен вокал на Костовска и луцидната лирика на Манчевски се во совршена симбиоза. 35 години подоцна, останува една од најизненадувачките плочи што некогаш излегле во Источна Европа, која сѐ уште звучи свежо и возбудливо“.

 

 

„Холивуд“, „Мистер Комплекс“, „Деца на Сонцето“ (Деца Сунца), „Лице во огледало“, „Месечина во шолја“ (Месец у шољи),„Молитва“ се култните песни кои се популарни до денес. За реизданието беше снимено и видео за „Деца на Сонцето“.

 

Љубомир Стојсављевиќ-Кучкар учествуваше и во други музички проекти. Еден од нив е и SD4, при што, како што се наведува на интернет страницата на ПМГрекордингс, „почитуваниот македонски басист Љубомир Стојсављевиќ го прави своето деби на PMGJazz, со овој прекрасно освежителен, фанк-инспириран албум, од група наречена едноставно SD4“. Во екипата, покрај Кучкар се и Бујуклиев / Дробици / Наумов – добро познати првенствено преку нивната поврзаност со SETHSTAT“.

За Стојсављевиќ се наведува и дека „како еден од поекспресивните инструменталисти што оваа земја некогаш ги има произведено, зборовите никогаш нема да бидат доволни“.

„Откако се прослави како основач и басист на неверојатно популарната њувејв/синтпоп група ‘Бастион’, тој беше особено селективен во врска со неговите подоцнежни музички проекти – ова е само неговиот трет целосен албум во неговата 40+ годишна кариера – другите се Единствениот ЛП на ‘Бастион’, другиот албум во живо од ‘Парамециум’ на Гарабет Тавитјан (добро познат џез-фјужн бенд).

Приватно, Кучкар ќе остане запаметен и по неговата едноставност и ненаметливост, но и со извонредниот и специфичен смисол за хумор кој знаеше да „боцне“ на вистинскот место.

Погребот на Љубомир Стојсављевиќ-Кучкар е утре на Градските гробиша во Бутел. (М.Ј.)