Почина Фулвио Добриќ, човекот што помогна во регулирањето на долгот на Македонија по независноста

Фулвио Добриќ одигра извонредна улога во преговорите на Македонија со Лондонскиот клуб на кредитори за регулирање на долгот направен од СФРЈ


 

Со извесно задоцнување ја прочитав веста во „Њурок тајмс“ дека познатиот американски банкар Фулвио Добриќ го загубил животот во поморска несреќа.

Во Македонија малкумина знаат за господинот Добриќ, а уште помалку (двајца, тројца) и лично го познававме. Неговата трагична смрт е повод пошироката јавност да дознае за неговиот животопис и на кој начин, во еден период по осамостојувањето на Република Македонија ѝ има помогнато.

Фулвио Добриќ е роден 1947 во село Бровиње, во близина на Лабин, Истра, во Хрватска. Во педесеттите години од минатиот век семејството Добриќ пребегува, најпрво во Италија, а потоа, по две години поминати во Италија, како што пишува „Њујорк тајмс“, со по еден куфер во рака, заедно со татко му Владимир, мајка му Ангела и сестра му Марина, стигнуваат во Њујорк.

Фулвио во Њујорк завршува средно и факултетско образование и се вработува во една од најголемите банки во светот Manufacturers Hanover Trust, каде многу брзо се искачува до највисоките раководни позиции. За време на студиите паралелно работи разни физички работи, а во еден период работи и како таксист за да ги плати трошоците за школувањето. Подоцна, како успешен банкар, на истиот факултет основа фондација за стипендирање на студенти од емигрантски семејства, со цел тие студенти да не мораат да работат додека студираат.

Како познат и признат инвестициски банкар, тој е член и на Надзорниот одбор на Colin Powell School for Civic and Global Leadership во Њујорк, во кој одбор членуваат и Хенри Кисинџер, Џејмс Бејкер и неодамна починатата Мадлин Олбрајт.

Во осумдесеттите години од минатиот век, СФРЈ запаѓа во платно-билансни проблеми, има тешкотии во отплатувањето на надворешниот долг и бара од надворешните кредитори репрограмирање на долгот.

Господинот Добриќ е на чело на тимот кој во име на комерцијалните банки кои имаат пласирано кредити во СФРЈ, во 1988 година преговара со Владата и Народната банка на Југославија за репрограмирање на долгот.

По распадот на СФРЈ, секоја од новонастанатите држави пристапи да го регулира својот дел од долгот на СФРЈ со надворешните кредитори.

По падот на експертската влада во Македонија и по формирањето на првата политичка влада, започнаа активностите за регулирање на надворешниот долг, најпрво спрема меѓународните финансиски организации (ММФ и Светска банка…), потоа спрема Парискиот клуб на кредитори (кој го сочинуваат западните развиени земји плус Јапонија) и Лондонскиот клуб на кредитори (кој го сочинуваат големите комерцијални банки од развиените земји).

Преговорите со Лондонскиот клуб за регулирање на долгот најпрво ги заврши  Словенија. Таа ги водеше преговорите цели четири години и прва го проби патот. После неа, преговорите ги заврши Хрватска. Таа преговараше четири недели. Трети бевме ние.

Преговорите меѓу делегацијата на Македонија и делегацијата на Лондонскиот клуб на кредитори започнаа на 17 октомври 1996 година во Њујорк.

Во нашата делегација бевме јас име на Владата, гувернерот Борко Станоевски во име на НБМ, директорот на Дирекцијата за платен биланс во НБМ и Фулвио Добриќ, кој беше ангажиран во својство на надворешен советник од страна на НБМ.

Ако преговорите на Словенија со Лондонскиот клуб траеја 4 години, на Хрватска 4 недели, нашите преговори траеја 2 дена.

Како ни успеа тоа?

Дел од заслугата за тој успех има и господинот Фулвио Добриќ. Во тоа време тој беше самостоен инвестициски банкар, со големо реноме и углед во меѓународните банкарски кругови, па уживаше почит и респект кај преговарачкиот тим од Лондонскиот клуб, што водеше преговори со нас.

Првото изненадување што им го приредивме на претставниците на Лондонскиот клуб, беше тоа, што на самиот почеток на преговорите, на наша покана, се појави претставник на ММФ и ние побаравме тој да ја образложи економската и финансиската ситуација во Република Македонија.

Шефот на делегацијата на Лондонскиот клуб се спротивстави и побара објаснение, чии интереси ќе застапува претставникот на ММФ (по дефиниција, ММФ ги застапува интересите на доверителите) и како е можно ММФ да застане на страната на должникот.

Претставникот на ММФ објасни дека тој не зазема ничија страна, туку има овластување од раководството на ММФ реално да ја претстави економската ситуација во Република Македонија.

Иако неволно, се сложија претставникот на ММФ да изврши презентација за состојбите во кои се наоѓа Република Македонија.

За преседанот, претставник на ММФ, за прв пат да застане во преговорите на страна на должникот, покрај успешното реализирање на аранжманите заклучени со ММФ од страна на Владата и на НБМ, секако има и долгогодишното пријателство на Фулвио Добриќ со првиот преговарач во името на ММФ за STF и Стенд бај аранжманите со Република Македонија – Пол Томсен. (Господинот Пол Томсен во годините што следеа се искачи и на високата позиција во ММФ – директор на Одделот за Европа во ММФ).

Господинот Фулвио Добриќ има заслуга и во тоа што нѐ охрабри да го преземеме чекорот што ќе го опишам подолу.

Имено, на крајот од првиот ден, кога видовме дека преговарачите од спротивната страна не намераваат во една сесија да ги завршат преговорите, туку сакаат пак по неколку месеци да се собереме во Њујорк, а знаејќи го искуството со траењето на преговорите што го имаа Словенија и Хрватска, и знаејќи дека трошоците (патни и хотелски) и за преговарачите од Лондонскиот клуб ги плаќа земјата должник, решивме, а господинот Добриќ, нѐ охрабри, наредниот ден да дојдеме во канцеларијата за преговори со куферите во раце.

Им објаснуваме, дека добивме налог, од премиерот на Владата да ги прекинеме преговорите и да се вратиме, бидејќи во Македонија нагло е влошена меѓуетничката ситуација, по појавата во некои градови во Западна Македонија, во училиштата само учениците од албанска националност да добиваат труење од воздухот. Тие со неверување погледнуваат во Фулвио, а тој, наместо одговор им поделува написи од светските агенции за феноменот во Македонија ученици од една националност да се затрујат, а учениците од друга националност да немаат никакви проблеми.

Како е можно тоа – прашуваат тие, а Фулвио им одговара: „Господа, на Балканот сѐ е можно, а Македонија е во срцето на Балканот“.

Побараа пауза, и по неколку минути, нѐ прашаа за времето кога полетуваме за Македонија. Им одговоривме дека во 17 часот мораме да тргнеме за на аеродром, бидејќи во 19 часот ни е авионот за Франкфурт. Повторно прашаа дали сме спремни да преговараме до 17 часот. Откога добија потврден одговор, цел ден преговаравме и во 17 часот постигнавме конечен договор.

А резултатот од договорот беше од 644 милиони долари, колку што, по евиденцијата на НБМ Република Македонија должеше на Лондонскиот клуб на кредитори, презеде само 228,7 милиони долари или за 415 милиони долари се намали долгот на Република Македонија кон странските доверители.

Долгот од 228,7 милиони долари се договоривме да се репрограмира на 15 години со грејс период од 4 години.

Ете, благодарејќи на „феноменот со труењето“ и охрабрувањето што ни го даде господинот Фулвио Добриќ да постапиме така како што опишав погоре, успеавме да ги завршиме преговорите само за два дена и да го намалиме долгот на Република Македонија за 415 милиони долари.

Чувствував должност и на ваков начин да се заблагодарам на господинот Фулвио Добриќ и да укажам дека има уште такви личности кои несебично во отсутни моменти ѝ помогнале на Република Македонија. За жал, имам впечаток, дека се нема доволно култура кај нас да ги почитуваме тие личности.

 Д-р Љубе Трпески