Победата на Сашко Николов во Штип донесе олеснување и самодоверба во СДСМ
Без оглед на тоа што се работеше за вонредни локални избори само во една општина (и така се знаеше дека изборите во Пласница речиси сигурно ќе го поминат неопходниот праг, а победата на кандидатот на ДУИ беше целосно неспорна), резултатот од гласањето во Штип донесе и олеснување, и задоволство, и самодоверба во редовите на владејачкиот СДСМ. Од неа може да биде задоволен и Сашко Николов и лидерот на партијата, премиерот Зоран Заев.
Овие избори дојдоа во исклучително комплициран момент за партијата и за владата што таа ја предводи. Ситуацијата со пандемијата на корона вирусот не покажува знаци дека бројот на заболените почнува да се намалува со поголеми стапки (иако процентот на новите позитивни случаи веќе две недели се држи на платото од 32 до 35 проценти од оние кои биле тестирани), а и бројката на починати останува на високо ниво. Победата во Штип за СДСМ може да значи дека граѓаните генерално позитивно ги оценуваат мерките што ги преземаат здравствените и другите власти. Клучот за победата беше дали штипјани ќе излезат во доволен број за да се оствари неопходниот цензус во првиот круг – и за тоа во голема мерка помогна угледот на кандидатот, кардиологот Сашко Николов (тој во моментов е пратеник), а и што состојбата со Ковид-19 во Штип е релативно посмирена во однос на другите поголеми градови.
До пред еден месец Штип беше меѓу најсилните жаришта во земјава (особено неговите текстилни фабрики), но ситуацијата оттогаш почна да се смирува, веројатно најмногу поради поголемата свесност на граѓаните, на работодавачите, а и поради пораките и активностите на локалните власти и здравствените лица. Така, Штип денес има 466 активни случаи од 3.065 досега потврдени инфекции (Битола, Прилеп, Тетово, Кавадарци, Струмица, Куманово, Гостивар, Охрид имаат далеку поголеми бројки), па сосем сигурно и тоа помогна, и покрај гласниот бојкот на опозицијата, на избирачките места да излезат 34,8 отсто од гласачите, а д-р Николов да добие дури 80 проценти од нивната доверба. Сашко Николов дури и го подобри резултатот на неговата партија од парламентарните избори на 15 јули, освојувајќи 1.591 глас повеќе од листата на СДСМ. Николов освои 11.668, а СДСМ во јули имаше 10.077 гласови. Неговиот резултат е подобар и од оној на ВМРО-ДПМНЕ, кој во Штип беше подобар од социјалдемократите за само 64 гласа.
Втората голема непозната од овие избори беше како жителите на Штип ќе ја оценат блокадата на Бугарија на македонскиот пат кон ЕУ: дали како неуспех на владата или како неразумно однесување на Софија. Таа дилема важеше и за симпатизерите и членовите на СДСМ и за политички неутралните граѓани. Јасно е дека излезноста е мала поради стравот од короната, неучеството на опозицијата со свои кандидати, а и јасната резигнација од непознатицата кога државава (а и сите во Европа и светот) ќе излезе од оваа здравствена и економска криза. Но ваквата излезност изгледа дека беше максимумот во ваквиот момент. Особено кога изборната трка беше изолирана само во еден град, а немаше масовна национална мобилизација.
Зоран Заев може донекаде да биде задоволен што големиот проблем со Софија во перцепцијата полека се пренесува во најголема мерка на бугарската страна. Но и дека граѓаните на Штип побараа владата да остане на поцврстите и појасни ставови што премиерот ги пренесуваше последните десетина дена – дека некои граници, особено околу идентитетот, јазикот и историјата, не можат да се поминат. И дека нивната цена на чинење е поголема од сегашната блокада на Бугарија во ЕУ.
Лидерот на СДСМ и премиер сигурно е задоволен и што антикампањата на ВМРО-ДПМНЕ во Штип и пошироко на национално ниво не успеа на локалните избори. И дека конфузната порака на опозицијата – прво дека падот на Заев ќе почне од овие избори, а потоа кога немаа добар кандидат за натпреварот да ги бојкотираат без добро образложение – повеќе и наштети нејзе отколку што ја подјаде власта. И дека постојаните повторувања за мафијашки избори, глсање среде корона, масовен поткуп не резонираат подалеку од нивната партиска база.
Заев веројатно ќе ги разбере овие пораки и Владата сега најмногу ќе се концентрира во намалување на стапката на позитивни случаи и подобар третман на пациентите. И за да го запре натамошното ширење на вирусот да бидат воведени построги мерки (како што тоа многу остро го направи денес Германија) за да се спречи нов посилен бран по Нова година.
Накусо – Заев успеа да го совлада овој сериозен предизвик во Штип, но најтешките работи за Владата допрва доаѓаат. Барем додека не стигнат вакцините. (Љ.П.)