Побаран притвор за четири лица поради сомневање дека подметнале експлозивна направа пред куќа во Битола

Постапка против четири лица поведе Основното јавно обвинителство Битола, за кривично дело – Предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик. Јавното обвинителство информира дека постои основано сомнение дека заеднички, со учество во дејствие на извршување или друг особен придонес подметнале експлозивна направа пред една куќа.
-Според доказите прибрани по наредба на јавен обвинител во предистрагата, на 12 јули годинава, осомничените активирале и фрлиле бомба М-75 кон куќа на улицата „Охридска”. Притоа, биле оштетени седум паркирани возила и била предизвикана значителна опасност за животот и телото на луѓето во централното градско подрачје, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.
Како што се посочува во соопштението, двајца осомничени со моторцикл, директно учествувале во подметнувањето на експлозивната направа, додека другите двајца имале други соизвршителски дејствија со кои го овозможиле и придонеле кон извршување на кривичното дело, се наведува во соопштението.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола предложи да биде определена мерка притвор за четворицата осомничени, од кои еден е недостапен на органите на прогонот во овој момент