По следните избори ќе има уште покомплексен парламент во Бугарија
Милен Љубенов, политиколог и универзитетски професор во Бугарија смета дека по следните предвремени избори, кои станаа извесни во Бугарија, ќе има уште покомплексен парламент. Тој не го разбира однесувањето на партијата „Има таков народ“ која, според него, има еден голем проблем – не комуницира со други партии ниту со граѓаните. Во интервју на БНР тој даде анализа на ситуацијата во земјата.
„Граѓаните јасно ставија до знаење дека сакаат промени, а партиите кои се идентификуваат со оваа промена не ги исполнија нивните очекувања. Дефинитивно веќе сме во политичка криза. Денес се покажа дека земјата се движи кон предвремени избори и со своето однесување партиите во Националното собрание покажаа дека секоја од нив отсега ќе ги подготвува своите стратегии и нејзиното однесување ќе зависи само од претстојната изборна кампања.
Главниот проблем на „Има таков народ“ е тоа што тие не зборуваат или комуницираат ниту со партиите, ниту со гласачите. Не знаеме кои се нивните цели. Ако целта е да имате апсолутно мнозинство на следните избори, нека го кажат тоа јавно. Но, тие не го прават тоа.
Политиката е прашање на дијалог меѓу партиите и меѓу партиите и граѓаните. Не го разбирам ова однесување веќе еден месец. Лесно е да се победи на избори, ви требаат медиуми, добар политички ПР и добра стратегија за маркетинг и лесно можете да ја преминете бариерата. Но, тогаш започнува тешкото. Политиката е навистина прашање на разговор. Тие сигурно имаа разговори со другите две партии, кои ги признаа како нивни партнери, но јавноста не дозна за тоа. Секоја партија негираше, што е нелогично. По избори, парламентарните партии не можат, а да не водат разговори за формирање влада. Мислам дека ова е многу сериозен дефицит.
На следните избори, резултатите веројатно ќе бидат репродуцирани. Но, ќе се соочиме со уште покомплексен парламент.Требаше да се најде пресечна точка и да се формира коалициска влада. Имаше можност во овој парламент да се формира работно мнозинство. Се виде дека ГЕРБ е во тотална изолација. Опцијата беше влада со учество на трите нови партии и БСП. Политиката е уметност на можното.
Привремената влада ќе се соочи со многу мини поставени од сегашната влада кои можат да експлодираат во секој момент. Ова не е добар исход и за претседателот Румен Радев – пет месеци пред претседателските избори да формира привремена влада, која ќе се соочува со многу предизвици, вели политикологот.