По пожарот, хотелот „Манастир“ во Берово, продолжува со работа oд понеделник


По пожарот, што ја зафати кујната во хотелот „Манастир“, а беше предизвикана материјална штета, додека персоналот и гостите беа евакуирани, од таму информираат дека со работа продолжувата од следната недела.

„Со задоволство ве известуваме дека хотелот „Манастир“, Берово, повторно ги отвора вратите за сите свои гости во понеделник, 4 ноември 2024 година. Нашата карактеристична традиционална понуда и топлата срдечна услуга ве очекуваат, подготвени да ви овозможат автентично и незаборавно искуство“, велат од таму.

Појаснуваат дека,  на 27 октомври се случи пожар во еден дел од хотелскиот комплекс,  кој беше локализиран во само еден мал дел од ресторанот каде се наоѓа отворената скара.

„Благодарение на брзата и ефикасна реакција на нашите вработени, пријателите и противпожарните служби, пожарот беше ставен под контрола и не го зафати останатиот дел од комплексот. Хотелските сместувачки капацитети, кујната, вториот дел од ресторанот, терасите, СПА центарот, паркот и останатите содржини се целосно функционални и подготвени да ги пречекаат сите гости со истиот висок квалитет и гостопримливост по кои сме познати“, додаваат од „Манастир“.

Започната е санација на изгорениот дел од ресторанот, кој наскоро ќе се врати во својот автентичен облик за да го зачува амбиентот.

„Изразуваме особена благодарност кон медиумите за сето посветено внимание деновиве, но и огромна благодарност кон противпожарните служби – пред сè кон ТППЕ Берово, како и за службите од Пехчево, Делчево, Виница, Кочани и Струмица. Благодарение на нивната професионалност, пожртвуваност и посветеност, нашиот хотел продолжува да биде вашата омилена дестинација за одмор, работа и уживање“, велат од хотелот „Манастир“.