По премиерот, и Муцунски се разочарал од историчарот Драги Ѓоргиев

Шефот на дипломатијата рече дека луѓето од научната фела треба да внимаваат да ја вршат својата работа од научна гледна точка


Тимчо Муцунски (Фото: Б. Грданоски)

 

Додека трае потрагата по нови членови на историската комисија со Бугарија владините претставници веќе ја закопаа работата на копретседавачот од македонска страна, Драги Ѓоргиев. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Ѓоргиев „коленичел пред министерски и премиерски кабиенти“ и дека недоволно ги бранел „македонските национални интереси“, а шефот на дипломатијата денеска рече дека тој се обидувал „политички да се профилира“.

„Прилично сум изненаден што деновиве гледам еден научник, кој е коректно платен од страна на државата да си ја врши својата работа, како се обидува себеси политички да се профилира и додека е во тековен мандат како претседател на една од комисиите. Со тоа се поткопуваат и надворешно–политичките позиции на државата. Ние политичарите, министрите, имаме легитимитет од страна на граѓаните да носиме политички одлуки, а научниците имаат обврска да вршат научна работа и искрено сум разочаран од таквиот пристап што го гледам деновиве“, рече Муцунски на прес-конференцијата со неговиот гостин, министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан.

Тој рече дека ќе даде и совет.

„Би дал еден совет. За да бидеме успешна држава сите треба да го работиме она за што сме избрани да го работиме и да бидеме внимателни бидејќи природата на работата на овие комисии е таква да може со мали гестови да се направи сериозна штета по интересот на наштата држава. Иако е различна нивната работа, на различен начин од меѓународно јавно правна гледна точка, тие се делегирани и треба да бидат максимално внимателни“, нагласи Муцунски.

Според шефот на дипломатијата, „ние имаме обврска да креираме надворешна политика, да ја имплементираме таа политика што сме ја крерирале, а тие кои доаѓаат од научната фела при нивнатиот ангажман да внимаваат да ја вршат својата работа од научна гледна точка по која се ангажирани од државата“.

Според најавите, нема да бидат сменети сите членови на комисиите со Бугарија и Грција затоа што е потребен и континуитет од кадровска гледна точка. Муцунски имал коректни средби со претседателите на двете комисии, амбасадорот Виктор Габер и историчарот Драги Ѓоргиев, за да добие слика што работеле, што постигнале и што треба натаму да се работи.

Изборот на новите членови во двете комисии треба да се случи наредниве десетина дена. (Н.В.)