По две гласачки ливчиња за дел од британските конзервативци


Лондон – Дел од членовите на британската Конзервативна партија добиле повеќе од едно гласачко ливче за изборот на нов лидер на партијата, кој, исто така, ќе стане нов премиер, јави Би-Би-Си.

Гласачки ливчиња биле испратени на адреси на околу 160.000 членови на Конзервативната партија во земјата, но истрагата откри дека некои членови добиле две гласачки ливчиња, изјави неименуван извор за Би-Би-Си од партијата, кој проценува дека станува збор за околу 1.000  луѓе.

Тоа се случило, бидејќи некои членови на партијата живеат и работат во различни изборни единици, и можно е да пристапиле на конзервативците во двете места.

Во други случаи, членови на партијата го смениле своето презиме по стапување во брак.

Конзервативците бираат нов лидер меѓу поранешниот министер за надворешни работи, Борис Џонсон, и сегашниот министер за надворешни работи Џереми Хант.

Гласањето завршува на 22 јули, а името на победникот ќе биде објавено следниот ден.

Според анкета на Тајмс, Џонсон има поддршка од 74 отсто од гласачите, додека Хант – 26 отсто.