По драмата на Флорида и пукањето, се јави и Трамп: „Сакав прво да го слушнете ова…“
Изборниот штаб на Доналд Трамп во неделата извести дека „поранешниот претседател е безбеден откако во негова близина се слушнале истрели“.
„Во овој момент немаме дополнителни детали за овој настан“, изјави портпаролот на персоналот на Трамп, Стивен Чеунг, пренесува Си-Ен-Ен.
Поранешниот претседател играше голф во Интернационалниот голф клуб Трамп во Вест Палм Бич. Патеката веднаш беше затворена.
Американските медиуми објавуваат различни информации за престрелката.
Иако „Њујорк пост“ објави дека двајца вооружени напаѓачи почнале да пукаат еден на друг пред голф-клубот на Трамп и цитираше извори кои велат дека Трамп не бил целта, имало пресврт.
Си-Ен-Ен објави дека повеќе извори рекле дека Тајната служба пукала кон осомничениот и дека официјални лица веруваат дека напаѓачот имал намера да го таргетира Трамп.
Извори наведуваат и дека пукањето се случило надвор од просториите на голф-клубот, а дека дел од Палм Бич е познат по честите криминални активности.
Тајната служба објави на Х. Тие објавија дека истрели се слушнале околу 14:00 часот по локално време.
„Тајната служба, во соработка со канцеларијата на шерифот на округот Палм Бич, истражува инцидент во кој е вмешан поранешниот претседател Доналд Трамп, кој се случил непосредно пред 14 часот“, се вели во соопштението на Тајната служба, пренесува Sky News.
Синот на Трамп, Доналд Трамп Џуниор, на платформата Х рече дека пукањето се случило кај теренот за голф на Трамп во Вест Палм Бич, Флорида. Тој изјави дека осомничениот е уапсен, пренесува Би-би-си.
Се јави и Доналд Трамп. Поранешниот претседател рече: „Имаше истрели во моја близина, но пред гласините да излезат од контрола, сакав прво да го слушнете ова: БЕЗБЕДЕН СУМ И ДОБРО!
“Ништо нема да ме успори. НИКОГАШ НЕМА ДА СЕ ОТКАЖАМ!”.
Агентите на тајната служба виделе човек како вперува пушка кон теренот за голф каде што се велеше дека бил Трамп во тоа време, изјавиле извори од органите на редот за американскиот партнер на Би-Би-Си.
Агентите испукале повеќе истрели кон осомничениот додека тој се обидел да побегне, велат изворите, додавајќи дека осомничениот сега е во притвор и оружјето е пронајдено.
Американските медиуми јавуваат дека кај мажот нашле пушка АК-47, попозната како калашников. Агентите на тајната служба веруваат дека на човекот цел бил Доналд Трамп.
Белата куќа соопшти дека им „олеснело“ кога дознале дека Трамп е безбеден.
„Претседателот и потпретседателот се информирани за безбедносен инцидент на меѓународниот терен за голф Трамп, каде што поранешниот претседател Трамп играше голф“, се вели во соопштението на Белата куќа.
„Им олесна кога дознаа дека е безбеден“.
Едно лице е испрашувано во врска со пукањето пријавено во близина на меѓународниот терен за голф Трамп во Флорида, објави NBC, цитирајќи тројца високи претставници на органите на редот.
Инспекторите се обидуваат да потврдат дали е пронајден пиштол во грмушките во близина на теренот за голф каде што играл Трамп, пренесува NBC.
„Колку што можев да видам, пет црни теренци без ознаки го блокираа сивиот Мерцедес пред теренот за голф“, изјави Макс Егускиза од Палм Бич за новинската агенција АП.
„Имаше околу 20 или повеќе полициски автомобили кои долетаа од околните улици“, рече тој.
Трамп беше повреден во обид за атентат во Пенсилванија на 13 јули, само неколку месеци пред изборите на 5 ноември на кои ќе се соочи со демократската потпретседател Камала Харис.