По автопатот од Кичево до Охрид од крајот на идната година


Автопатот Кичево – Охрид со сите девет клучки, по сите можни грешки на минатата влада е во последна фаза, и до крајот на 2021 ќе биде комплетно функционален, порача вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска  при денешниот увид на градежни работи на автопатот.

Како што потенцираше, претходната Влада го оставила овој проект без документација, пресметки и план, како и без ниту една клучка, а сегашната ги надминала наследените проблеми, испланирала девет автопатски клучки што ќе овозможат комуникација на населението и работи на делниците.

-Автопатот Кичево – Охрид е ветен, почнат, државата ни е задолжена веќе многу години, и после 4 – 5 години владеење на ВМРО ДПМНЕ видовме дека оставиле проект кој е започнат беа документација, без пресметки, без план, меѓутоа единственото нешто што го завршиле било она што го чувме во бомбите а тоа е договор за 15 до 18 милиони евра провизија. Провизијата ја зеле, ама проекти и проектна документација не оставиле. Како Влада наследивме обврска која што беше почната но беше почната и поставена на глава. Овој пример, автопатот Кичево – Охрид е доказ, колку е тешко од кал да извадиш нешто што е оставено без проект, без план, без документација и без ред, изјави Шекеринска.

Откако е избрана новата Влада и ја добила одговорноста, како што рече, покажала како е да се работи плански. – Обезбедивме целосна документација, ги обезбедивме сите неопходни средства, обезбедивме повторно да се работи на делницата Кичево – Охрид. Ако ВМРО ДПМНЕ остави проект од Кичево до Охрид да е автопат без ниту една клучка, успеавме во проектот да се стават девет клучки кои ќе обезбедат комуникација на населението коешто живее помеѓу овие две општини и започнавме работа на неколку делници од кои само една можете да ја видите овде, рече Шекеринска.

Според  информациите на сите кои што се вклучени во проектот, укажа министерката, најголемиот дел од тунелските решенија е завршен и се завршени најголемиот дел од тешките точки што не биле проектирани како што треба. Откако ја обезбедиле и потребната механизација, работници и средства, повторно започнала изградбата на автопатот Кичево – Охрид.

-Очекуваме овој автопат со целосна инфраструктура со девет клучки автопат како што личи во секоја нормална држава да биде завршен до крајот на 2021 година. Ние градиме со план, не градиме на збор, не градиме со провизии. Затоа граѓаните можат тоа да го видат со свои очи. Со свои очи не можеа да го видат она што го градеше ВМРО ДПМНЕ, но со свои очи можеа да видат како 15 до 18 милиони евра се дадени за провизија за Груевски и неговата група. Затоа, наместо да поставуваат прашања за автопатот Кичево – Охрид овие од ВМРО ДПМНЕ треба да го повикаат Груевски и да му побараат да и ги врати на државата 15-те  до 18-те милиони евра коишто ги зема од овој автопат и го остави неизграден, без тунели и без клучки. На темава ВМРО ДПМНЕ треба и да молчи и да одговара, изјави Шекеринска.