По 6 години затвор за Вељаноски, Ристовски и Јанакиески


Судечкиот совет од Основниот кривичен суд Скопје ја објави пресудата за случајот „Организатори на 27 април“, со која поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски доби 6 години и 6 месеци затвор, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески 6 години и три месеци, поранешниот министер за образование Спиро Ристовски 6 години и три месеци, а поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски доби 6 години. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ со тоа што ги организирале и координирале протестите на 27 април 2017 година и презеле мерки да се оневозможи непречено влегување на толпата во Собранието, а со цел да не ја предадат власта.

Според образложението на Судот, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски давале насоки на пратениците како да се однесуваат  на 27 април и настанот го организирале со умисла да го загрозат уставниот поредок, додека Никола Груевски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ директно ги повикал граѓаните „да не седат дома по папучи“ и да се приклучат на упадот. Трајко Вељаноски помагал да се оневозможи изборот на нов претседател на Собранието, додека Владимир Атанасовски  и пребеганиот Никола Бошковски ги мобилизирале и координирале групите  кои го изведоа упадот, како и водачите на патриотските здруженија. Атанасовски, како тогашен директор на УБК, ги организирал претходно и протестите пред ДИК.

„Сведокот од атмосферата во палатата на ВМРО-ДПМНЕ  рече: Видов алчност за власт“, цитираше судијата Илија Трпков дел од доказите изнесени во судскиот процес.Според него одбраната на Спиро Ристовски дека партијата не ги организирала протестите не држат цитирајќи повеќе разменети пораки меѓу нив од кои се гледа дека договарале присуство пред Собранието на глумци, спортисти, тапани …меѓу кои таа на Елизабета Канчевска „Спире, мора да се појават спортисти“, или другата „Ако може да средиме глумецот Владо Јовановски да одржи говор, ќе биде полн погодок…“ 

Трпков кажа дека на судењето беа викнати над 100 сведоци на одбраната.

„Дозволив, тоа е право на обвинетите, но како да им верувам на нивните искази кога тврдеа дека ВМРО-ДПМНЕ немала врска со организацијата на протестите на ‘За заедничка Македонија’, а овде беа изведени докази од телефоните на обвинетите како организираат, повикуваат луѓе, говорници, тапани најсилни на свет…“, рече Трпков и додаде дека во овој случај не ѝ се судеше на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, држава се брани со ум и срце, а не со насилство,а со организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година беше повредена сржта на демократијата.

Според судијата сите обвинети, вклучувајќи ги и екс премиерот Никола Груевски и Никола Бошкоски од УБК, кои се во бегство и посебно ќе им се суди, се виновни за терористичко загрозување на уставниот поредок. Отежителни околности се тежината на кривичното дело, позицијата на обвинетите на политичко ниво, општествената опасност од таков вид на дела бидејќи се удира во сржта на демократијата и степенот на кривична одговорност на обвинителите кои биле организатори на немилиот настан. Според описот на судијата, во меѓународното судство ова се нарекува – злосторство на елитата.

Како олеснителни околности тој  спомна дека тие се родители и  дека не се осудувани досега, како и фактот дека при определувањето на пресудата судот не можел да не ја земе во обзир објавената амнестија.Сите овие околности, според него, упатуваат на потребата за ублажување на казната.   

 Кривичниот совет за овој случај го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска. Судскиот процес за организаторите на насилствата од 27 април во Собранието започна на 21 февруари 2020 година.Во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни на органите на прогон.Судската постапка за случајот „Организатори на 27 април” траеше една година и шест месеци. Трајко Вељаноски судењето го тераше слободен, бидејќи Собранието не му го одзеде имунитет. Всушност, не се ни гласаше за него, спикерот Талат Џафери остави да истече рокот за гласањето на седницата за имунитетот.

Според обвинението што го поднесе и го застапуваше шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска, обвинетите, по неуспешните преговори за формирање Влада, подготвиле и реализирале план со акти на насилство да оневозможат мирно примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство. За таа цел, тие ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето ’За заедничка Македонија‘ што кулминираа со насилното влегување во Собранието.Обвинетите, како организатори, ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта, притоа овозможиле и континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите и на зградата на Собранието.Критичниот ден тие организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучувајќи патриотски здруженија и ангажирајќи лица за извршување на насилство. Во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ Јанакиески и Ристовски континуирано го мобилизирале членството на таа партија од Скопје и од другите градови, во одреден момент да извршат насилен упад во Собранието. Тие знаеле однапред дека објектот не е соодветно обезбеден и заштитен со полициски сили и дека пречките за влез во Собранието ќе бидат отстранети.

Во исто време, еден од осомничените, Никола Бошкоски – Боксер, со возило сопственост на Управата за безбедност и контраразузнавање, во непосредна близина на Градската болница, спроти паркот ‘Жена Борец’ донел огнено оружје и панцирни елеци наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Во текот на немирите еден од обвинетите, со цел да се прикријат трагите од извршеното кривично дело и да не се откријат регистрираните дејствија од насилниот упад и насилството извршено внатре во Собранието, дал наредба на две веќе обвинети лица од мониторинг собата во Собранието да ги извадат хард дисковите од собраниските камери. Со сите овие усогласени и поврзани дејствија и активности обвинетите предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните, а притоа дел од пратениците и новинарите се здобиле со телесни повреди“, стои во обвинението.