По 40 фестивалски дена: Се спушти завесата на 59. Охридско лето
Министерот за култура Хусни Исмаили синоќа во Охрид присуствуваше на свеченото затворање на 59-то издание на фестивалот „Охридско лето“ во чии рамки беше прикажана претставата „Одисеј“ од Горан Стефановски, во режија на Александар Поповски.
Претставата, чија изведба наиде на одличен прием кај многубројната публика, е во копродукција на повеќе театри од регионот: „Гавела“ од Загреб, Театар „Улисис“ од Бриони, Српски народен театар од Нови Сад, СНГ Драма од Марибор, „Ателје 212“ од Белград, Стериин Театар и Театар „Навигатор“ од Скопје.
Драматург на претставата е Дора Делбјанко, сценографијата е дело на НУМЕН и Ивана Раденовиќ, костимите ги изработи Марита Ќопо, а автори на музиката се „Фолтин“.
Во претставата настапија: Oзрен Грабариќ, Aнита Манчиќ, Бранко Јордан, Наташа Матјашец Рошкер, Светозар Цветковиќ, Борис Исаковиќ, Jасна Џуричиќ, Дијана Видушин, Фрањо Дијак, како и македонскиот актер Никола Ристановски.
Изминатите 40 фестивалски дена понудија 47 содржини со кои се славеше уметноста. Сцените на Античкиот театар, црквата „Света Софија“, предворјето на црквата „Света Софија“, Долни Сарај, Центар за култура беа речиси исполнети, за некои од настаните се бараше билет повеќе. На свеченото отворање на фестивалот гостуваше мега-популарната виолинистка, светски славната Британка Ванеса Меј, која настапи со оркестарот на Филхармонијата и вокалните солисти од Националната опера и балет под диригентската палка на маестро Иван Кожухаров.
– „Охридско лето“ следната година слави голем јубилеј, 60 години од неговото постоење. Тоа за нас е голема чест, но и обврска да одбележиме достојно како што заслужува оваа наша најголема музичко – сценска манифестација. Подготовките веќе се започнати и можам само да најавам врвни уметници и беспрекорна организација, истакна на завршната прес-конференција директорката на фестивалот Наташа Поповиќ.