Пленковиќ: Најдете модел за уставни измени што е својствен за Македонија
Ковачевски смета дека нема потреба од лидерска средба, а на Мицкоски му порача дека дебата за уставните промени не се води преку телевизија и на пуштање канализациска цевка туку во експертска група
Сметам дека за неколку години Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ. Хрватска на тој пат од срце и без какви било услови ви помага веќе повеќе години. Сега е тоа време да се направат вистински потези, порача денес од Скопје хрватскиот премиер од партија сестринска на ВМРО-ДПМНЕ, Андреј Пленковиќ, на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски.
Тој избегна директно да се изјаснува околу предлогот на оваа партија Македонија да го смени Уставот според хрватскиот модел, јасно застанувајќи на линија на премиерот Ковачевски, дека треба да имаме „македонски модел“ според македонската реалност, без да се прецизира што значи тоа.
„Јас сум еден од оние актери кои што го следи европскиот пат на Северна Македонија со години. Кој што знае дека на состанокот на врвот во Загреб пред 23 години го парафиравте Договорот за стабилизација и асиоцијација уште пред тоа да го направи Хрватска. Оттогаш наваму направивте голем број реформи, бевте неоправдано спречувани на тој европски пат. Така што, се трудевме од земја која што го заврши процесот на интеграција во 2013 година и која за два и пол месеца ќе одбележи 10 години од тоа членство, се обидуваме да ги решиме тие пречки“, рече Пленковиќ.
Тој потсети дека кога Хрвтаска претседаваше со ЕУ, беше донесена новата методологија за преговори и беше донесена одлуката да се отпочнат преговорите со Македонија и Албанија.
„Сега сме во фаза тие финални процеси да ги забрзаме, тој пат да добие своја динамика. „Гледано во поширок контекст, ако Украина доби кандидатски статус, ако тоа го доби Молдавија, ако БиХ доби кандидатски статус, ако Косово аплицираше, ако Црна Гора и Србија преговараат, тогаш сега е момент. Во тој контекст и Северна Македонија, штитејќи го својот национален интерес и идентитет и јазик, треба да се вклучи на начин со кој ќе ја зголеми динамиката на пристапниот процес. Таа одлука е сега и тој момент треба да се искористи. Нема да биде добро земјата да се доведе во позиција другите да ѝ приговараат, односно да ѝ кажат дека таа го забавува процесот“, рече Пленковиќ.
Пленковиќ не сакаше да навлегува во детали во однос на уставните измени бидејќи рече дека тоа се приговори што треба да се остават на политичките партии во земјата кои треба да најдат компромис.
„Тоа е единствен начин исправно и легитимно да се донесат такви стратегиски одлуки што се важни. Она што го сметам за добро е да се постигне консензус зад кој ќе застанат сите, првенствено народот, а потоа и нивните политички претставници. Според мое мислење, а јас го следам вашиот процес 30 години, тоа мора да биде нешто што ќе ги елиминира неправдите кон Северна Македонија и ќе ги намали фрустрациите што се зад вас“, рече тој.
На политичките партии и на институциите тој им порача дека за уставните промени треба да најдат модел и решение што се својствени за овде во Македонија.
„Без разлика што се спомена овде хрватскиот модел, јас ќе ги споменам политичките партии и институции на РСМ. Апелирам да се најдат решенија кои ќе бидат својствени за вашата земја. Во однос на подготвеноста на македонската влада да се вклучи и хрватското малцинство во ставот, ние многу го поддржуваме тоа. Сметаме дека засилувањето и поддршката кон нашите малцинства, негувањето на идентитетот може само да придонесат кон соработката и пријателството на двете држави“, рече Пленковиќ.
Ковачевски, пак, на директното прашање дали го прифаќа или не предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, со кој партијата очигледно сака да се приклучи на преговорите за уставните измени а да не го каже тоа јавно, исто така одговори одоколу, посочувајќи дека уставните промени се структурен процес, дека подразбираат формирање експертска групаа во која се поканети да дадат преставници сите парламентарни политички партии и дека нивниот предлог ќе оди на јавна дебата пред да влезе во собраниска процедура.
„Не кажав што е прифатливо а што не е“, рече премиерот додавајќи дека има три предлози од три партии меѓу кои и тој на ВМРО-ДПМНЕ за хрватскиот модел, но тој преферира македонски модел.
„Експертите врз основа на најдобрите искуства ќе изработат предлог што ќе биде ставен на јавна расправа, а кој ќе одговара на македонското општество, на македонските закони и на Македонија како идна земја членка на ЕУ. Не кажав ни дека сум за, ни дека сум против тој предлог“, порача Ковачевски оставајќи му отворена врата на Христијан Мицкоски ако сака да влијае на процесот, да предлага таму каде што треба.
Тој потенцира дека обврска на сите политички партии е исто како што било обврска на сите политички партии во Хрватска кога таа пристапувала во ЕУ – да ги поддржат стратешките одлуки на државата и тие да не станат предмет на дневнополитичка борба.
„За дневно олитичка борба постојат други прашања, на кои може да се разговара со политичарите, со опозицијата, меѓу опозициските партнери, меѓутоа ова се важни одлуки за иднината на сегашните и идните генерации, кои сакаат подобар животен стандард, сакаат врвни демократски институции, сакаат функционални услуги во своите држави, а тоа се добива кога државата ќе ги воспостави критериумите, практиките и процедурите и законите во согласност со европското законодавство и нивното функционирање на начин како тие функционираат во ЕУ.И ќе повторам, македонските граѓани сакаат да живеат во ЕУ, ама сакаат да живеат во ЕУ дома, а не да живеат во ЕУ во туѓина, во држави што се членки на ЕУ“, изјави премиерот.
Тој исто така ја отфрли понудата на Мицкоски за некаква лидерска средба или дуел на кој ќе му образложи што предлага, посочувајќи дека веќе имале лидерска средба сите парламентарни партии во декември на која се разговарало за потребата од уставни промени, а на која еден лидер молчел, а двајца воопшто не дошле, така што нивните ставови се знаат. Затоа, рече тој нема потреба од лидерска средба, додавајќи дека дебата за уставните промени не се води преку телевизија и на пуштање канализациска цевка, туку во експертска група.
Владата ќе продолжи засилено да работи во насока на продолжување и проширување на соработката со Хрватска со која посочи дека нѐ поврзува не само заедничкото минато во поранешна Југославија, туку и желба за подобра заедничка иднина во ЕУ. Нашите две држави немаат отворени прашања, во континуитет градиме и постојано трасираме нови правци за меѓусебна соработка. За одличните билатерални односи, рече тој, говорат дури 44 склучени билатерални договори, при што во фаза на иницијатива се уште 15 други договори, а најинтензивна е соработката во делот на евроинтегарциите.
„Хрватската е меѓу најгласните и најконзистентните подржувачи за нашата европска интеграциија. За тоа говорат делата, а не само зборовите, меѓу кои се и одлуките за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија донесена токму во времето на претседавањето на Хрватска во првата половина на 2020 година, во вонредни околности на пандемија од Ковид-19. Нивниот поранешен главен преговарач со ЕУ кој денес е главен советник на нашиот главен преговарач чие искуство е од непроценливо значење за нас, и тоа е дел од мозаикот што имаме ислклучително успешен скрининиг процес“, рече Ковачевски.
Тој посочи дека иако тоа е вообичаено за претседатели на држави, премиерот Пленковиќ ќе се обрати и во Собранието, а најави и одржување на заедничка седница на двете влади.