Платформата „Силата ЕУ младите“ почна со два музички настани
Викендов Скопје беше во фокусот на младите и нивната култура преку два музички настани, кои го одбележаа почетокот на активностите на платформата „Силата ЕУ младите“.
Едукативниот културен центар „Лабораториум“ во центарот на Скопје беше „окупиран“ со млада и повозрасна публика, заинтересирана за културната содржина креирана од два исклучително млади музички колективи.
На сцената во „Лаб кафе“ се претстави младиот и надежен средношколски бенд од гимназијата „Никола Карев“ од Скопје – „Црно собрание“. Бендот е активен од 2022 година и досега има едно регионално претставување во Белград, на регионалната смотра на средношколски бендови „БГ Инвазија“.
Вториот настан го претстави ОВЦ Колективот (OVC Kolektiv), најмладото прогресивно електронско музичко движење во земјата. Преку креирање на простор за нивна презентација и промоција во форма на различни клупски настани, колективот ги става во фокус младите локални диџеи во развој.
„Силата ЕУ младите“ е платформа која ја препознава оваа прогресивна заедница на млади електронски музичари, менаџери и аудио-визуелни уметници и во соработка со неа, креираше нов простор за креативно изразување и промоција. Петчасовниот денски рејв реализиран под името „New Comers Day Rave“, привлече масовна млада публика и љубители на хард-грув и индустријал техно звукот. Настанот претстави четири исклучително млади и талентирани диџеи. Хангарот во „Лабораториум“ како совршен постиндустриски простор, придонесе во создавање вистинска рејв атмосфера од светски карактер, подеднакво добра како онаа на сцените во Берлин, Лондон… Со тоа само уште еднаш се потврди дека Скопје и Македонија имаат прогресивна младина во континуитет.