Планинарот од Прилеп раскажува како се изгубил на Пелистер: „Ветрот ми го дувна телефонот како пердув“


Милан Јаковоски кога пристигнува во Ниже Поле (Фото: Омер Бесимовски)

 

Од густата магла ги гледав само моите гојзерици, а од силниот ветер телефонот ми летна како лист. Вака планинарот од Прилеп Милан Јаковоски кој вчера се изгуби на Пелистер, а потоа сам се симна во Ниже Поле објаснува низ што поминал вчера на планина. 

Како искусен планинар Јаковоски успеа да се снајде и да се симне здрав и жив во Ниже Поле, особено што вчера времето на Пелистер беше со силен ветер над 100 километри на час и густа магла.

Центарот за управување со кризи вчера попладне објави информација дека на Пелистер има изгубен планинар и веднаш организира потрага во организација на НП „Пелистер“ и СВР Битола. По неколку часа, планинарот успеа да ја надмине ситуација и сам да се симне во Потпелистерието.

Јаковоски раскажува дека турата започнала како и секоја зимска тура, но во малку полоши и поекстремни услови. 

„Група планинари тргнавме од Инфоцентарот по патека Широка или изгорениот дом ‘Ловечка’. По кратка пауза на ‘Ловечка’ се упативме кон врвот. На местото Седло временските услови се влошија настана многу густа магла (речиси никаква видливост) и ветер од 120 км на час.

Двајцата планинари кои одеа пред мене ги изгубив од видик и пробав сам да продолжам неможејќи да ги најдам маркациите останав околу 15 минути во место и тогаш одлучив телефонски да им се јавам на група планинари кои со ратрак се спуштаја од врвот. При телефонскиот разговор од силниот ветер телефонот ми одлета како лист од рака, се обидов да го стигнам, но не успеав“, раскажува планинарот на Фејсбук објава.

Во тој момент без телефон останал без комуникација со останатите, а се одалечил од патеката.

„По кратко рамислување во многу сурови временски услови решив да се вратам, но за жал не можев да видам никаква маркација бидејќи си ги гледав само моите гојзерици и ништо подалеку. Знаејќи дека не можам долго да останам на едно место со господ напред и мала претпоставка на ориентација кај сум, почнав да се спуштам со цел да најдам која било патека до долу“, вели Милан и продолжува:

„Му благодарам на господ што ме чуваше и на мојата добра физичка и психичка подготвеност но и на соодветната опрема која ја носев безбедно се вратив во село Ниже Поле каде побарав телефон и ги информирав најпрво домашните, а потоа и сите останати дека сум добро“.

Планинарот изразува благодарност до спасувачките екипи на Националниот парк „Пелистер“, Спасувачката служба, останатите институции, како и  до жителот на Ниже Поле кој му овозможил да телефонира.

„Ова е само уште една лекција за мене колку е голема и моќна планината и колку треба да се почитува. Поздрав, до следната слика од планина“, пишува планинарот Милан Јаковоски,инаку професор по географија во Прилеп.   

ЦУК објави дека на подрачјето на Националниот парк „Пелистер“, во близина на локацијата позната како „Антена“, пријавен е изгубен планинар.

Лицето било телефонски достапно околу 10 минути, по што сигналот на мобилниот телефон бил изгубен. Потрагата првично била извршена со ратрак, но без успех.

Само по неколку часа пред да падне мрак, Националниот парк „Пелистер“ соопшти дека планинарот е жив и здрав, и се наоѓа во Ниже Поле. (А.Б.)