Писателките Атвуд и Еваристо ја поделија Букеровата награда за 2019


Англија– Лауреатката на Струшките вечери на поезијата за 2016, канадската писателка Маргарет Атвуд и британската авторка Бернардин Еваристо, се прогласени за заеднички добитници на наградата „Букер“ за 2019 година, откако судиите ги прекршија правилата со тоа што прогласија двојна награда.

Романот „Завети“ (The Testaments) на канадската писателка Атвуд, што е продолжение на „Приказната на слугинката“ (The Handmaid’s Tale) (инаку со наслов „Приказната на робинката“ во издание на Бегемот), беше препознаен од судиите заедно со романот „Девојката, жената, другото“ (Girl, Woman, Other) на Бернардин Еваристо.

Двете добитнички ќе ги поделат подеднакво парите од литературната награда од 50 илјади фунти. Правилата на Букер велат дека наградата не смее да се подели, но судиите инсистирале на тоа дека „не можеле да ги одвојат“ двете дела.

Атвуд (79) е најстарата победничка на Букер, додека Еваристо е првата црномуреста жена која победи. Откако ги кажаа нивните имиња, тие заедно застанаа на сцената рака под рака.

„Мислам дека сум премногу стара, и не ми треба внимание, затоа ми е многу драго кога го добивам. Ќе ми беше непријатно ако бев сама овде, затоа сум задоволна што сте и вие тука“, рече Атвуд на прогласувањето која вторпат ја добива наградата Букер.

За Еваристо, пак, победата е „вистински пресврт“, додавајќи дека тоа значи дека нејзините дела ќе бидат претставени пред многу поширока публика ширум светот.„Постојат многу награди што некои луѓе од одредени заедници не ги освојуваат, секако црните луѓе не освојуваат многу книжевни награди. Никој не го забележува тоа, но тоа е навистина важно. Црна жена никогаш ја нема освоно наградата Букер претходно. Само четири црни жени некогаш биле на потесниот список. Се надевам дека ова сигнализира нова насока за Букер и видот на судиите што ги имаат. Оваа година имаше четири жени судии и еден маж. Се надевам дека повеќе црни жени ќе ја освојат оваа награда“, додаде Еваристо.

Во 2016 година Маргарет Aтвуд беше лауреатка на СВП и го доби „Златниот венец“. Таа е канадска романсиерка, поетеса, книжевна критичарка и активистка за заштита на животната средина. Добитничка е на повеќе од 40 светски признанија, а во 2000 година ја доби Букеровата награда за романот „Слеп убиец“ (The Blind Assassin). Таа е една од најпреведуваните светски автори и почесен професор на 30-ина универзитети како Оксфорд, Кембриџ, Харвард, Сорбона, Единбург. Нејзини најпознати романи се „Приказната на робинката“ (The Handmaid’s Tale), „Невестата крадливка“ (The Robber Bride), „Алиас Грејс“ (Alias Grace).