„Петрунија“ во француските кина и во рецензиите на медиумите


Од 1 мај почна дистрибуцијата на филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар-Митевска во Франција и поради одличниот првичен прием, дистрибутерската куќа „Пирамид“ реши во втората недела да го зголеми бројот на кината, од 72 на 96, во кои се прикажува филмот низ цела Франција, соопшти продукцијата „Сестри и брат Митевски“. 

Од почетокот на дистрибуцијата,  филмот добива и одлични критики во француските медиуми. Месечниот филмски магазин „Позитив“ (Positif) го најави како филм со еден од најубавите женски карактери видени на платно по долго време и го прогласи „Петрунија“ за филм на месецот, оценувајќи го со пет ѕвездички и посветувајќи му шест страници во списанието, вклучувајќи и интервју со режисерката Стругар-Митевска.

Познатиот „Ле Монд“ (Le Mond) во рецензијата за филмот истакнува: „Оваа особеност се должи на ликот на Петрунија, интерпретиран од Зорица Нушева, чие присуство на екранот ја преуредува целата галерија на претставување на женските ликови во кинематографијата“.
Според телевизијата ТВ5, пак,  „Петрунија“ е особена во духот на заедништво. „Филмот е своевиден повик до сите жени да се обединат во фронт против сè што ги угнетува во денешниот свет … Македонската режисерка Теона С. Митевска пишува феминистичка приказна, инспирирана од вистински настан, триејќи му го носот на патријахализмот, наведува ТВ5.
Од 9 мај „Перунија“ ќе се прикажува и  во киносалите низ Швајцарија со дистрибутерот „Тригон филм“ (Trigon film). Режисерката Стругар-Митевска ќе присустува на четири премиери во неколку швајцарски градови. Овој месец филмот ќе биде претставен и на три фестивали – во Албанија, Романија и Украина.