Петровска: Ковачки ја крие пресудата за клевета, а ВМРО-ДПМНЕ се брука


 

Пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ реагираше на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ за наводното криење дека има хациенда за што, потсети таа, имаше судски спор против Драган Ковачки  и пресуда дека тоа што го зборува не е вистина, односно е клевета.

-Еве веќе 20 дена како и официјално сте власт, па нема потреба од повторувања на прес конференции, ниту да ја повикувате ДКСК. Само за потсетување дека овие обвинувања се одамна, Драган Ковачки лажеше и ме клеветеше. И како што ветив во судска постапка докажав дека е лажго. Ама од срам ја крие пресудата и ве турка во поголема брука, порача Петровска, по а денешната прес-конференција на нејзиниот колега од Собранието, Тони Јаревски.

Петровска во својата реакција упати и прашања до  владеачката партија.

 

1. Како е можно за помошник министер во МВР да е поставено лице со активна кривична пријава?
2. Зошто заменик директорката на Агенција за разузнавање е незаконски поставена?
3. ⁠Ќе се извини ли Мицкоски за злоупотреба на позицијата и организирање  прошетки на неговиот син во Вашингтон?
4. ⁠Како е можно за директор на Управата за извршување на санкции да поставите лица со несоодведно искуство?
5. ⁠Кој ви дозволи ја задолжувате државата, односно граѓаните со 500 милиони евра за да ги покриете неспособните градоначалници на ДПМНЕ?

Со лаги, клевети и закани нема да ме спречите да ја говорам вистината и да поставувам прашања. Одговорете, не молчите, стои во соопштението на Петровска.

Претходно денеска од ВМРО-ДПМНЕ побараа ДКСК да отвори случај за хациендата на Петровска во Радишани, односно да се испита како е направена, со кои пари и без документи. Јаревски обвини дека екс-министерката ја криеше хациендата.

„Петровска да не се крие и да каже дали ужива во благодедот хациендата? Дали некој од нејзиното семејство ја користи? Зошто ја крие и од кои пари е направена?

ДКСК да не чека Петровска да се изјасни туку да отвори случај за хациендата на Славјанка. Доволно е Антикорупциска да погледне на чие име се сметките на луксузната хациенда, тоа е појдовна основа од каде може да почне да истражува“, порача меѓу другото пратеникот.