„Донтовиот модел е немилосрден. Оној што е прв добива и повеќе од тоа што и реално го заслужува, таков е системот. Тие количници што се делат, таа листа што има најмногу гласови, најмногу пати ќе биде свртена во системот“ рече членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Петров во утринската програма на „Слободен печат“.
Тој додаде дека дури и според опозициските анкети, партиите од владината коалиција би освоиле педесетина пратеници, но со Донтовиот модел, ако одат заедно и според тие анкети, може да се освојат уште 5-6 пратеници.
„Тоа е така поради тоа што дел од партиите ќе се под прагот, нема да имаат пратеници. Некоја партија ќе има 5.000 гласа, што не се доволно за пратеник. Тие гласови се поништуваат. А во количниците, ако ги споите сите гласови заедно, овозможуваат да се освојат повеќе пратеници“ рече Петров.
Според него веќе 20 години се разговара за широки предизборни коалиции и дека сега е веќе дојдено времето кога ни е потребна брза интеграција во ЕУ и да не се губат 10 години со истите муабети.
Петров притоа оцени дека СДСМ направила многу во овој период за граѓаните и за иднината на државата и дека би сакал да го чуе планот на ВМРО-ДПМНЕ, што очигледно според него го немаат за тоа каде ќе ја водат државата.
„Последната изјава на американската амбасадорка беше многу јасна, дека и таа чека и сака да го чуе планот на ДПМНЕ. Тие треба да бидат чесни и да понудат некое решение. ЕУ е нашата единствена можност, затоа што само така ќе бидеме демократска држава во која ќе има помалку криминал , ќе можеме побрзо да извадиме документи, ќе имаме посигурна држава, со подобри институции, подобри плати, пензии. За нас како мала земја нема друга алтернатива од тоа да ја однесеме државата во ЕУ“, рече Петров.
Тој потенцираше дека ако уште 11 години преговараме и дозволиме да оди земјата во изолација, нема да направиме ништо. Тука не станува збор за популизам или политиканство, туку дека ЕУ е подоброто решение за новите генерации кои доаѓаат.
„Ние две години имавме дебата, „никогаш Северна“, ама сега гледаме дека таа дебата веќе не постои, ниту кај опозицијата , ниту кај другите. Значи, треба време да се согледаат работите. Не се сомневам дека СДСМ ќе понуди добра програма и добри кандидати и ќе направи се за добар настап кој одговара на политиката на владината коалиција и која секако одговара на европските интеграции и влезот во НАТО“, рече Петров.
Тој потенцираше дека претседателот на партијата Димитар Ковачевски ќе биде повторно мандатар, а СДСМ победник на парламентарните и претседателските избори.