Петре Шилегов повикан #НаМегдан


Фото: Б.Грданоски

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов е повикан „на мегдан“ да даде одговори на прашања кои ги засегаат граѓаните во организација на граѓанската иницијатива #НаМегдан.

Сите заинтересирани граѓани, кои би сакале прашањата да им бидат одговорени #НаМегдан од градоначалникот Шилегов може да ги постават на платформите Facebook и Twitter, а своето прашање да го означат со #НаМегдан или #NëMejdan.

Иницијативата нагласува дека ќе ги собере прашањата, според истата методологија како минатиот пат, кога „на мегдан“ беа повикани претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова. Нагласуваат дека нема да пренесуваат прашања кои содржат навредлив говор или говор на омраза.

Од иницијативата нагласуваат дека во текот на дебатата пред, но и по претседателските избори, стана очигледно дека проблемите со кои се соочуваат граѓаните се сложени и дека најчесто надлежноста за нивното решавање е поделена помеѓу различните институции на централно и на локално ниво. Улогата на локалната самоуправа во тие процеси често е само делумно претставена во јавноста и граѓаните немаат прилика да добијат доволно аргументирани информации за прашањата кои им се од големо значење во секојдневниот живот.

Доколку Шилегов го прифати предизвикот ќе биде утврден конкретен датум и место согласно неговата агенда.