Петков најави дека бугарската позиција кон Македонија останува иста

Мандатарот за новата бугарска влада, Кирил Петков, денеска го претстави идниот кабинет за кој треба да се гласа в понеделник во собранието. Одговарајќи на прашањето каква ќе биде политиката на новата влада кон Македонија Петков одговори дека бугарската позиција останува каква што е, но дека треба да се надогради со комуникација на тимовите од двете држави.
„Двете земји можат многу да добијат од добрососедството и тоа треба да се направи врз основа на добра комуникација. Бугарската позиција останува таква каква што е, но сакаме да ја надградиме со комуникација меѓу тимовите, а не да продолжиме само со пароли од двете страни на границата. Ние и РСМ имаме многу да добиеме од заедничка одлука. Сакаме да седнеме со тимови и да одиме кон добрососедство, но и ќе ги браниме нашите национални интереси“, рече Петков.
Тоа треба да се направи преку добра комуникација со коалициските партнери, прецизираше Петков и дополни „со многу работа“. Според Петков, тоа може и треба да се направи врз основа на заедничко почитување и доверба.
Новата коалициска бугарска влада е од четири партии и коалиции. Во неа ќе има пет вицепремиери и 17 министри.
Нова министерка за надворешни работи ќе биде Теодора Генчовска, претставник на партијата Има таков народ. Таа речиси и да нема искуство во дипломатијата. Генчовска има завршено воена академија и дополнителни обуки во повеќе земји членки на НАТО. Во двете предложени влади на Има таков народ, кои не добија поддршка, беше именувана за министер за одбрана. До неодамна беше во советничкиот тим на претседателот Румен Радев.