„Мојата агенција не ги прави анкетите“: Петар Арсовски ја демантира МТВ


Петар Арсовски

Големата врева што настана денеска со наводите од страна на СДСМ дека МТВ и институтот ИПИС правеле лажни анкети за да укажат на голема предност на ВМРО-ДПМНЕ, го зафати и познатиот аналитичар и сопственик на агенцијата „Креатиф“, Петар Арсовски.

Во демантот на МТВ беше наведено: „Во истражувањето се вклучени две реномирани агенции (факт кои не се споменува во нападите кон нас) чии сопственици се Петар Арсовски и Владимир Божиновски, а во емисијата учествуваат и реномирани гости од општествено–политичкиот живот во Македонија“.

Арсовски негира дека тој и неговата агенција имаат какво било учество во спроведувањето на анкетите што се објавуваа во емисијата „Објектив“ на МТВ. Во одговор за порталот „Рацин“ какво е неговото учество во овој проект, Арсовски вели дека тој и неговата агенција не се вклучени во спроведувањето на анкетите и во изведувањето на заклучоците од истражувањата, туку само во делот на анализа и коментар на податоците што ги соопштува ИПИС.

„Со внимание го следам развојот на настаните за анализите на МТВ и во овој момент можам да го кажам дека моето учество во анализите за кои станува збор не вклучува спроведување анкети, туку анализа и коментар на бројки и трендови. За евентуална проверка или валидација на податоците добиени од спроведените истражувања морам да ве упатам на агенцијата која ги спроведувала истражувањата“, изјави за „Рацин“, Петар Арсовски.

Арсовски уште рече дека тој како политички аналитичар коментира актуелни политички состојби веќе две децении и дека некогаш неговите анализи не им се допаѓаат на едни, некогаш на други, некогаш на трети.