Пешак загина во Скопје при удар од возило управувано од 18-годишно момчее
Скопјанецот Ш.Р.(71) загина синоќа, во сообраќајна несреќа, во Скопје, откако на крстосницата од улиците „Кемал Сејфула“, „Александар Урдаревски“ и „Босна и Херцеговина“, во него удрило патничко возило „голф 5“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.Ј.(18) од с.Брест, Скопско, кој исто така, се здобил со повреди.
Како што соопшти МВР, сообраќајната несреќа била пријавена вчера во 20:15 часот во СВР Скопје.
-На местото на несреќата пешакот им подлегнал на повредите, а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, додека возачот И.Ј. се здобил со телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „8 Септември“, наведуваат од МВР.
Увид на местото на несреќата извршиле екипа од СВР Скопје и Јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот е предадено за обдукција.
Малолетно девојче, исто така, е тешко повредено во сообраќајна несреќа што се случила вчера околу 18.45 часот, на ул.„Амди Леши“ во Дебар, при судир помеѓу патничко возило „цитроен“, управувано од В.Ц.(38) од Дебар и патничко возило „опел“, управувано од С.М.(54) од Дебар, двете со дебарски регистарски ознаки.
-Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила малолетната сопатничка од возилото „опел“, констатирани во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид. Известен е Јавен обвинител, а увид на местото извршила увидна екипа од Полициска станица Дебар, наведуваат од МВР.