Перински сега уште позагрижен, Данела дошла без план и решенија
„Сега сме позагрижени отколку пред состанокот“. Ова го изјави министерот за локална самоуправа, Златко Перински по средбата со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Потоа кажа дека на состанокот како Влада не слушнале ништо конструктивно за решавање на проблемите.
„Од нивна страна не слушнавме ништо констуктивно. Очајна е состојбата и како заклучок се донесе дека немањето комуникација помеѓу советничките групи во Град Скопје е една фаза од препреките. Затоа градоначалничката предложи до крајот на оваа недела да состави некаков план кој ќе биде презентиран пред советниците, иако нашите очекувања не се големи, морам да признаам. Во таа насока ќе почекаме до крајот на неделава да видиме што план ќе се донесе, и во основа на тие заклучоци ќе носиме заклучоци.
Како влада можевме да одбереме да не се мешаме во работата на Градот, но одлучивме дека приоритет ни се граѓаните. Зборувавме за две јавни прептијатија, едното Комунална хигиена, и второто ЈСП, и заклучивме дека ќе имаме поголем проблем со почеток на школската година“, изјави Перински.
Тој рече дека се надеваат на конструктивност, пред се кон советниците и кон останатите политички чинители на ниво на Град Скопје од нивна страна.
„Ние како влада секако стоиме на располагање ако на некој начин сметаат дека можеме да помогнеме согласно нашите законски ингеренции.Добро е да се напомене дека од страна на градот беше исто така аргументиран и фактот дека од претходната влада нема исплаќано средства од буџетот за превоз на студентите кон ЈСП и практично тоа е пречката за нормално функционирање на претпријатието. Согласно ребалансот оваа влада го исервисира практично долгот на јавното претпријатието делот на кредитната линија за набавка на автобуси.
Се надеваме дека ќе имаме конструктивност, ќе имаме разбирање пред се на вработените во Град Скопје, пред се во рамките на Советот на Град Скопје, а ние како влада секако стоиме на располагање за се она што можеме во иднина да помогнеме, ќе помогнеме“, рече Перински.
На средбата тој и премиерот не побарале од Арсовска да си замине.
„Состанокот беше во конструктивна насока, да видиме кои се решенијата. Не е решение Арсовска сега да си замине, кородирана е состојбата во девет јавни претпријатија, некој треба да одговара за тоа“, дециден беше Перински.
Средбата е прва по преземањето на премиерската функција на Мицкоски, но и прва средба за која јавноста е запознаена по расколот во 2022 година меѓу скопската градоначалничка Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, чија поддршка ја доби на локалните избори една година претходно. Ова следува откако премиерот им даде „разумен рок на Арсовска и претпријатијата да почнат со работа“ пред Владата да им ги предаде ингеренциите на скопските општини на ЈП „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, како што неодамна едногласно побараа скопските градоначалници.
На новинарско прашање дали Владата ќе ги одземе ингеренциите на јавните претпријатија, Перински рече дека прво ќе почекаат да го видат планот на Арсовска, а потоа ова прашање ќе го разгледаат прво легалистички, односно како би се спровело тоа законски, а потоа и како би се спровело во пракса.
Нагласувајќи дека надлежностите на Градот и градоначалничката се строго регулирани и дека секое непостапување е кривично дело, на прашање дали ќе поднесе кривична пријава против Арсовска, Перински рече: „Како граѓанин може да поднесам, како министер не“.
Актуелниот министер за локална самоуправа Златко Перински своевремено беше директор на ЈП „Водовод и канализација“ и беше првиот директор на Јавно претпријатие од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кого градоначалничката Данела Арсовска во 2022 година го разреши од функцијата обвинувајќи го за несоодветно постапување во тендерска постапка кога ја кажа славната реченица дека „рачињата им се во медот“.