Пензионерите очекуваат „историско зголемување на пензиите“, Владата најавува решение до 10 март

Покрај моделот на усогласување на пензиите, на денешната средба се зборувало и за еднократна финансиска помош, како и за дополнително усогласување


 

Претставниците на Владата и на пензионерите денеска излегоа со позитивни оцени од средбата што ја имаа околу зголемуавње на пензиите и најавија дека се работи на трајно решение кое ќе овозможи нивен пораст. Од страна на претставниците на пензионерите беше истакнато дека очекуваат „највисоко историско зголемување на пензиите“, а од Владата дека решението кое ќе се договори нема да ја загрози стабилноста на пензиоскиот фонд.

Од Партијата на пензионери посочија дека се задоволни од високото разбирање на Владата за проблемите на пензионерите и за решавање на нивниот правен и социјален статус.

„Токму затоа излегувам од оваа средба задоволен и длабоко убеден дека пензионерите ќе добијат највисоко историско зголемување на пензиите во периодот кој следи“, истакна претседателот на партијата Илија Николовски, кој додаде дека следната средба е договорена во почетокот на март дека тогаш се очекува да има и конечно решение.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи изјави дека во моментот не може да го каже конечното решение бидејќи за она што денеска било предложено треба да се направат соодветни анализи. 

„Никако нема да направиме решение кое ќе значи за две години нестабилност на пензискиот фонд“, рече Битиќи.

Тој додаде дека денеска од страна на Сојузот на здруженијата на пензионери и од Партијата на пензионери добиле предлози според кои евентуалниот модел на усогласување треба да биде заснован на промена на животниот стандард и на промената на просечните плати, наспроти сегашното усогласување кое што се заснова само на еден критериум.

„Таму имаше три модели во кои распонот на секој од овие критериуми се зема различно, за што и двете страни имаа одредени анализи. Ние не можеме да кажеме дека имавме анализи затоа што предлогот прв пат го слушнавме, но во наредните денови ќе направиме наши анализи ќе видиме што тоа значи за пензискиот фонд, што значи како финансиски импликации за да дојдеме до конечниот модел. И ние имаме наши модели кои се малку различни од она што денес го слушнавме“, рече Битиќи, одбивајќи да прецизира за каков владин модел станува збор.

Тој рече дека на почетокот на март повторно ќе се зборува за ова прашање и дека очекува до 10 март да има конечно решение.

„Воспоставуваме начин преку дијалог да се дојде до одржливо решение кое што значи достоинствен живот“, рече Битиќи додадајќи дека постои согласност за менување на методологијата  за усогласување, како и дека моделот ќе биде дефиниран веќе на наредната средба.

Дополнително, тој рече дека се радува бидејќи и Сојузот на здруженија на пензионери и Партијата на пензионери биле солидарни кон различните категории на пензионери со различни износи на пензии, односно за посолидарен начин на поддршка на пензионери кои имаат ниски пензии.

Покрај моделот на усогласување на пензиите, како што посочи Битиќи, се зборувало и за еднократна финансиска помош, како и за дополнително усогласување.

„Односно, за се што е возможно и законски да се направи, но ако е потребно и со промена на закон за да се одговори на потребите на пензионерите за зголемување на нивните пензии“, рече Битиќи додавајќи дека остануваат со заложбата дека пензионерите треба да добиваат поголеми пензии, како и дека треба да бидеме солидарни кон сите.

„Тие што имаат најниски пензии заслужуваат да добиваат повисоки пензии, како и оние кои имаат повисоки пензии заслужуваат да го добиваат она што им припаѓа“, рече Битиќи.

Тој нагласи дека состојбата во пензискиот фонд е стабилна, има зголемени приходи од претходната година, а тенденциите и трендот е приходите да се зголемуваат што осигурува дека може да се одговори позитивно барањата за зголемување на пензиите.

Битиќи зборуваше и за редовното усогласување на пензиите кое во јануари изнесуваше речиси 3 отсто, што за просечна пензија во апсолутен износ изнесуваше отприлика 478 денари. 

Доколку се остане на постојниот модел на усогласување, пензионерите ќе добијат најмалку уште 500 денари на просечната пензија во јули.

„Но, ние зборуваме за нов модел на усогласување кој што ќе понуди повеќе од тоа. Не само во јули, туку и следниот јануари, и следниот јули и тн. Затоа симулациите ќе ги направиме за неколку наредни години. И дополнително, затоа што тоа пензискиот фонд може, зборуваме што е тоа што дополнително може да се направи за категоријата на пензионери“, рече Битиќи, појаснувајќи дека зголемените приходите во ПИОМ не се од зголемени придонесите, туку како резултат на зголемените платите.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, посочи дека дискусијата за растот на пензиите ќе продолжи во периодот кој што следува со цел да се дојде до најдоброто решение кое ќе донесе раст на пензиите на долг рок.

„Ова ќе значи придобивка за околу 330 илјади наши граѓани пензионери. Создаваме систем според кој пензионерите ќе имаат сигурност, извесност, и зголемувањето на нивните пензии нема да зависи од ничија политичка волја или од тоа дали ќе има избори. Носиме решение кое што е одржливо на долг рок“, рече таа, додавајќи дека во време на пандемија владата овозможила не само редовна туку и предвремена исплата на пензиите по групи со цел заштита на пензионерите.

Задоволни беа и од Сојузот на здруженија на пензионери.

Денеска започна процесот на разговори за да се дојде до траен модел за усогласување на пензиите кој треба да се гледа и од аспект на пензионерот и од аспект на пензискиот систем. Треба да се изнајде законско решение кое ќе обезбеди сигурност на корисните на пензии, а истовремено ќе значи одржливо решение“, рече претседателката на Сојузот, Станка Трајковска.