Пентагон објави документи за можно присуство на вонземјани


Пентагон објави нацрт-документ минатата недела, каде што се наведува дека вонземјани можеби го посетуваат Сончевиот систем и испраќаат мали сонди за истражување, како што прави НАСА кога истражува други планети.

Тој нацрт-извештај е напишан од Шон Киркпатрик – директор на Канцеларијата за решавање на аномалии од сите области (ААРО) на САД и Абрахам Лоуб – директор на Одделот за астрономија при Универзитетот Харвард. Во документот се наведува дека вештачки меѓуѕвездени објекти потенцијално можеби испраќаат бројни мали сонди за време на летот до Земјата.

„Таа операција не се разликува многу од мисиите на НАСА. Тие таканаречени ‘семиња од глуварче’ може да се одвојат од мајчиното летало со гравитационата сила на Сонцето или со способноста за маневрирање“, велат стручњаците.

Во 2005 година, американскиот Конгрес ја задолжи НАСА да пронајде 90 отсто од сите објекти блиску до Земјата поголеми од 140 метри, по што беа создадени телескопите „Пан-СТАРРС“. Во октомври 2017 година, се откри необичен меѓуѕвезден објект којшто подоцна го доби името „Оумуамуа“, што на хавајски јазик значи „извидник“. ААРО е формиран јули 2022 година и е одговорен за следење разни појави и тела, како на небото и во внатрешноста на Земјата, така и во вселената.

„Со добар дизајн, таквите мали сонди можат да стигнат до до Сончевиот Систем или до Земјата, заради истражување, додека матичниот брод минува на одредено растојание Земја – Сонце, каков што беше случајот со ‘Оумуамуа’. Астрономите не можат да откријат мини-сонди бидејќи тие не рефлектираат доволно Сончева светлина за телескопите да ги забележат“, додаваат авторите.

Вселенското тело „Оумуамуа“ било во облик на пура, се појавувало и исправено, а патувајќи од Сонцето кон Земјата не покажувало трага, поради што некои научници веруваат дека тоа можеби е вештачко летало. Исто така, три години подоцна е откриен уште еден објект што не остава трага зад себе.