Пендаровски за евроинтеграција, Силјановска за изолација


Фото: Б. Грданоски

Без објавена изборна програма, тимовите на Стево Пендаровски и на Гордана Силјановска Давкова ги ескалираат  меѓусебните обвинувања околу тоа које за брза евроинтеграција на земјата, а кој прави се да ја закочи европската иднина. 

-Она што го нудат ДПМНЕ и Силјановска е да се откажеме од иднината, од надежта, да се изолираме и да се збогуваме со секоја вистинска и суштина промена за подобро утре.Силјановска Давкова ревносно ги спроведува политиките на ДПМНЕ на блокади и кочење на европскиот пат во македонското Собрание. Застанува дикретно против Договорот од Преспа и на Преговарачката рамка за влез во ЕУ. Толку јасно. Граѓаните гледаат дека Силјановска е реприза на Иванов, порачаа денес од СДСМ.

Според нивна оценка, ВМРО-ДПМНЕ не може да донесе никаква промена на подобро.

-Потврда за тоа е катастрофата што се случува во Скопје, но и во општините коишто ги води оваа партија. Не ни е потребна нова катастрофа, на граѓаните не им е потребен претседател кој ќе биде партиски послушник, ќе ја кочи иднината на земјата и ќе бара да се откажеме од подобро утре.Само со Пендаровски е остварлива единствената реална надеж за светла македонска иднина- членство во ЕУ.

Патот до ЕУ е тежок и долг, но сепак тоа е единствениот начин за суштински позитивни промени.Со визија за интегрирана, стабилна и просперитетна Македонија во Европа  Пендаровски е победнички кандидат за најважниот аспект, иднината на државата, на народот. На граѓаните им е потребен европскиот животен стандард европските вредности и европскиот живот дома, и тоа сега, а не за 100 години или никогаш.Затоа на претстојните избори граѓаните ќе дадат силна поддршка за Пендаровски со што ќе кажат НЕ за изолација и ДА за Европа, стои во пораката од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ кое ја води кампањата на Силјановска пак порачаа дека „Пендаровски нема еден став кој го кажал и задржал“.

-Додека власта на СДС и ДУИ зад сцена преговараа со Бугарија, Пендаровски глумеше патриот и ја замајуваше јавноста. Пендаровски тврдеше дека никој од бугарска страна не барал промена на Уставот на Македонија. Тој отиде и чекор понатаму и кажа дека е вон памет да се разговара за било каква промена на устав или анекс на договорот со Бугарија.Не само што Бугарија побара промена на Уставот, а владата и Пендаровски прифатија, туку истите активно се вклучија во кампања да ја убедуваат јавноста зошто треба да се промени Уставот.

Пендаровски лично е главен застапник на идејата за промена на Уставот, и лично кажа дека токму тој е човекот кој го преговарал анексот како што сам го нарекува, т.е. бугарскиот диктат.Кога Пендаровски лажеше кога тврдеше дека вон памет е да се менува Уставот или сега кога е главен лобист за промена на Уставот?Има ли Пендаровски став кој не го погазил? Останал ли човекот автентичен во нешто друго освен во лагата?-велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, самиот Пендаровски е свесен дека нема да биде избран повторно, затоа што народот не поддржува политичари кои манипулираат со националните чувства и ги распродаваат.