Пендаровски во Брисел со силна поддршка за почеток на преговорите за членство во ЕУ,


Земјата е подготвена веднаш повторно да седне на преговарачка маса со Бугарија за да се надмине билатералниот спор и да се отвори патот кон ЕУ.  Да разговараме за сите отворени прашања, се разбира, со оние огради или т.н. црвени линии кои сме ги истакнувале и за кои не очекуваме воопшто дека ќе бидат на преговарачка маса повторно, порача претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски од Брисел, каде во текот на вчерашниот ден имаше средби со претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, со потпретседателот на Европската Комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, со комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, како и со европратеникот и известител за Република Северна Македонија, Илхан Кјучук.

На средбите, најголем дел од разговорите биле посветени на спорот со Бугарија поради кој Северна Македонија не може да ја одржи првата Меѓувладина конференција со ЕУ и покрај позитивната одлука за почеток на преговори донесена пред повеќе од една година во ЕУ.

На речиси сите остварени средби, претседателот Пендаровски добил силна поддршка за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.

Практично, единствена агенда, на средбите била како после ова време на пандемија да се реактивира дијалогот кој очигледно замре, како што вели Пендаровски, не по наша вина, не по нивна вина, туку, поради оваа пандемија, која ги редуцираше обврските на неопходниот минимум.

–  Најголем дел потрошивме од дискусијата на проблемот што го имаме со Бугарија, значи тој проблем што Бугарија го има со нас. Знаете дека не постои целосен консензус за организирање на првата меѓувладина конференција поради противењето на Бугарија. Проблемот е во тоа што, тоа сите го лоциравме, е тоа што изборите во Бугарија завршија меѓутоа без јасен победник и според последните информации сосема е можно Бугарите да одат на нови предвремени парламентарни избори, веројатно во јуни месец и ако е тоа случај во следниве шеесеттина денови би имале само т.н. техничка или службена Влада која нема да има големи овластувања. Значи нема да има јасен политички легитимитет да навлегува во овие прашања особено. Јас реков дека ние сме подготвени, имаме специјален претставник за тоа прашање, имаме целосна координација меѓу највисоките владини претставници и мојот Кабинет на таа тема, подготвени сме уште денеска да се вратиме на маса, да разговараме за сите отворени прашања се разбира со оние огради или т.н. црвени линии кои сме ги истакнувале и за кои не очекуваме воопшто дека ќе бидат на преговарачка маса повторно, изјави шефот на државата.

Оценува дека во овој момент е неопходно како предуслов да започнат повторно разговорите, да се идентификува соговорникот од бугарска страна и тоа, зависи само од Република Бугарија – како тие ќе решат да направат и кого ќе предложат, поединец, Влада, институција итн, итн…Конечно, вели Пендаровски, мислам дека е значајно и тоа посебно го нагласив на состанокот, што на 10 мај, Европската Унија веќе го има закажано, стратешката сесија за иднината на Западниот Балкан, поточно за иднината на односите меѓу Европската Унија и Западниот Балкан.

– За таа цел, нивната комисија и нивниот посебен директорат имаат изготвено стратешки документ кој зборува за неопходноста да се засилат активностите и конекциите со Западниот Балкан бидејќи, за жал, во регионот две држави преговараат, меѓутоа тој процес не е ни близу до своето завршување. Две држави чекаат да почнат преговори и тоа се одолговлекува во неколку наврати. Прво ја чекавме новата методологија, таа беше усвоена, подоцна излегоа некои други проблеми, а две држави од шесте воопшто не се споменуваат како држави кои имаат можност да започнат наскоро преговори од познати причини. Европската Унија тоа сака да го промени  по можност до крајот на годината. Можеме само да ги поздравиме нивните напори бидејќи е јасно дека Западниот Балкан предолго време е во оваа транзиција кон Европската Унија без некои сигнификантни чекори напред, изјави Пендаровски.

На средбите во ЕУ станало збор и за реформскиот процес во Северна Македонија. Пендаровски укажал на напредокот во борбата против корупцијата, пресудите против високи функционери и процеси против припадници на владејачката партија. ЕУ сепак бара дополнителни напори во реформите, порача шефот на државата.

Се заблагодарил за помошта од ЕУ во испораката на вакцини преку Австрија која ќе започне од мај и се до август. Над 650 илјади вакцини на Фајзер треба да пристигнат за здравствените и есенцијалните работници во целиот регион.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој се сретна со Пендаровски, се огласи кусо преку Твитер по состанокот.

– Ја истакнав поддршката за официјално отворање на преговорите за членство и потребата Советот на ЕУ да се согласи за преговарачката рамка. Важно е Северна Македонија и Бугарија да изнајдат заеднички прифатливо решение, напиша Вархеји на Твитер по средбата со Пендаровски.

Европската перспектива на земјата, реформската агенда и справувањето со КОВИД-19 биле главни теми на средбите на Пендаровски со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел и со претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли во Брисел.

На средбата со Борел, Пендаровски, како што информираа од неговиот Кабинет, истакнал дека во изминатиов период Северна Македонија покажала политичка зрелост и максимален фокус во остварувањето на нејзината европска перспектива. Нагласувајќи дека интеграцијата на Северна Македонија е во интерес на стабилноста, безбедноста и просперитетот на целиот регион, претседателот Пендаровски истакнал дека е неопходно Европската Унија дополнително да ја динамизира својата улога, што ќе се одрази позитивно врз севкупните политички процеси, реформската агенда, како и генерално, врз оптимизмот во општествата на земјите од Западен Балкан.

Со претседателот на Европскиот Парламент, Сасоли, биле разменети мислења и информации за напредокот на Северна Македонија во клучните реформски области во контекст на евроинтеграцискиот процес, како и за актуелните предизвици наметнати од пандемијата на Ковид-19. Била нагласена исклучително важната континуирана комуникација на нашите институции со Европскиот Парламент со што се воспоставуваат цврсти основи за значителен напредок во спроведувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација, како и процесот на интеграција и пристапување во Европската Унија.

Сасоли по средбата со Пендаровски во Брисел, на Твитер објави дека ја повторил силната поддршка на Европарламентот за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.

– Одлична средба со Стево Пендаровски. Ја повторив непоколебливата поддршката на Европскиот Парламент за процесот на пристапување на Северна Македонија. Клучно е да се отстранат пречки за преговорите да започнат. Испораката на вакцини од ЕУ и Австрија е одличен сигнал во пресрет на ова, напиша Сасоли на Твитер.

Во куса изјава за МИА известувачот за Северна Македонија во Европскиот Парламент, Илхан Ќучук вели дека имал добра средба со претседателот Стево Пендаровски и смета дека тој е тој што може да се постави како гарант за конструктивноста во решавањето на спорот со Бугарија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Ќучук за МИА оцени дека е речиси извесно оти ќе има нови парламентарни избори во Бугарија, што најверојатно ќе значи и повторно одлагање на официјалниот почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и покрај повиците на највисоките челници на ЕУ да се даде зелено светло за старт на преговарачкиот процес до крајот на јуни годинава.

– Не останува време за до крајот на португалското претседателство и треба да бидеме подготвени за тоа сценарио, во овој момент не ми личи реалистично Бугарија да прифати и треба да се работи на тоа да се реши билатералниот проблем, со намалување на националистичката реторика од двете страни, изјави Ќучук за МИА.

Тој повика македонските власти да се фокусираат на реформската агенда, која ќе бара напор во наредниот период, како и да вложат во добрососедските односи.

Известувачот за Северна Македонија во Европскиот Парламент вели дека е свесен оти повторното одлагање на почетокот на преговорите за земјата ќе има обесхрабрувачки последици врз јавноста и дека „иднината е легитимен аргумент“, но оти и „за минатото треба да има разбирање во двете држави“.

Ќучук се надева дека двете страни ќе успеат да ги затоплат односите во наредниот период и повтори дека иднината на земјата е во Европската Унија.

На средбата со Комесарот за соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји, претседателот Пендаровски изразил благодарност за неговиот ангажман и поддршка за реализација на договорот за распределба на 651.000 дози од вакцината „Фајзер“ за земјите од Западен Балкан, од кои нашата држава ќе добие 119.000 вакцини.

Двајцата соговорници разговарале за можностите за исчекор на Северна Македонија во евроинтеграциите, во контекст на претстојните состаноци во рамките на Европската Унија што треба да се одржат во мај и јуни годинава, како и билатералните прашања врзани со добрососедските односи. На средбата биле разменети и мислења и информации за надминување на проблемите со Бугарија.

Пендаровски и Вархеји ја посочиле и важноста за скорешно одржување на меѓувладината конференција и формалниот почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија.

Европската интеграција на Северна Македонија, можноста за одржување на прва меѓувладина конференција, процесот на проширување на Европската Унија, како и актуелните предизвици во регионот, во контекст на пандемијата на Ковид-19, биле во фокусот на разговорите и на средбата со претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел.

Претседателот Пендаровски оценил дека е од клучно значење спречувањето на стагнацијата во динамиката на односите на земјите од Западен Балкан со Европската Унија и порачал дека продолжувањето на процесот на проширување е во интерес на Европската Унија, бидејќи на тој начин државите од Западен Балкан се одржуваат фокусирани на реформите и придонесуваат кон европската безбедност и стабилност.

По средбата Пендаровски изјавил дека Република Северна Македонија останува посветена на исполнување на својата надворешно-политичка цел – полноправно членство во ЕУ, како и на спроведување на реформите во земјата.

Како што информираа од кабинетот на Пендаровски, на денешните средби за реформите кои се во тек во нашата земја, имало подолга дискусија затоа што, тие главната работа која ја очекуваат, е да се задржи и по можност засили реформското темпо.

–  Известив за најновите случувања во таа смисла, за процесуирањето на неколку т.н. високи случаи на корупција, дури и на функционери од сегашната политичка постава, структура на власт,  што беше поздравено, бидејќи се случува практично првпат во историјата на нашата држава, меѓутоа тие побараа да се удвојат напорите во борбата против случаите на висока корупција и апсолутно е јасно дека тоа ни е забелешка која ни ја кажуваат со години наназад и дека немаме уште многу време за да можеме, досието наше, реформско и проевропско во таа смисла да го допотполниме, изјавил Пендаровски, стои во соопштението од неговиот Кабинет.

Претседателот Пендаровски се очекува денеска да оствари средба и со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.