Пендаровски вели се има изјаснето за избор на претседател во Собрание, прашува дали ВМРО-ДПМНЕ го променила ставот


Фото: Б. Грданоски

Од тимот за комуникации на претседателскиот кандидат и актуелен претседател на државата, Стево Пендаровски, преку соопштеие одговорија на прозивката од ВМРО-ДПМНЕ, „Пендаровски да каже дали го прифаќа условот на ДУИ за поддршка во вториот круг, претседателот на државата да се бира во Собранието“.

„Пендаровски се има изјаснето на оваа тема. Прашањето е дали ДПМНЕ го промениле ставот?“, соопштија од тимот на Пендаровски.

Од ВМРО-ДПМНЕ  претходно прашаа дали за Пендаровски е прифатлив овој услов за поддршка во вториот круг, потсетувајќи на изјвата на Артан Груби дека услов за коалиција и поддршка во втор круг е ДУИ да добие ветување за избор на претседателот на државата во Собранието од наредните избори.

Во изјава за медиумите, пак, Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на Изборна единица 3 вели дека „вчерашната изјава на Артан Груби дека поддршка односно услов за поддршка и добивање на гласовите на ДУИ за претседател во вториот круг е избор на претседател на држава во Собрание, не е ништо друго освен ултиматум“.

„Стево Пендаровски е должен да одговори на македонската јавност дали го прифаќа овој ултиматум на ДУИ“, изјави Ковачки.