Пендаровски веќе донирал 500.000 денари од зголемената плата, му одговори претседателот на Николоски


 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, денеска му постави две „бонус прашања“ на претседателот Стево Пендаровски барајќи од него да каже каде ја донира разликата од зголемената функционерска плата и дали по завршувањето на мандатот нема да ги користи привилегиите кои им следуваат на поранешните претседатели, како што изјави пред пет години.

На ова штабот на Пендаровски одговори дека претседателот веќе донирал 500.000 денари и го праша Николоски дали тој донирал барем еден денар од неговата плата како пратеник.

„Од денот кога платите на избраните и именуваните лица се покачија за 78 отсто, претседателот Пендаровски, како што вети, секој месец донира средства од својата плата.

До овој момент имаме прецизна евиденција за донирана сума во висина од над 500.000 денари за лекување на наши сограѓани, поддршка во обезбедување на здравствени услуги и медицинска терапија, помош на лекување на наши сограѓани во странство, образовни алатки и учебни помагала за ученици, компјутери за ученици, поддршка за матуранти, плаќање на режиски трошоци и други средства за социјално ранливи граѓани. 

Бонус прашања за Александар Николоски: 

–  Дали тој како пратеник на ВМРО – ДПМНЕ има донирано барем еден денар од неговата за 78 отсто зголемена плата и кому?

– Дали знае кој било пратеник на ДПМНЕ, градоначалник на ДПМНЕ или директор на јавно претпријатие од редовите на ДПМНЕ имаат донирано дел од својата плата од моментот кога им е зголемена за 78 отсто, колку и кому?“